За пет месеци владата направила дефицит од 73 отсто од вкупно дозволениот за цела година, односно буџетскиот минус изнесува речиси 217 милиони евра.
Во периодот пред изборите го потроши „лавовскиот“ дел од буџетскиот дефицит предвиден за цела година.Петар Гошев, поранешен гувернер на Народна банка.
Ова не e првпат владата на ваков начин да остварува нерамномерна дистрибуција во трошењето пари, вели поранешниот гувернер на Народна банка Петар Гошев, кој додава дека тоа била редовна нездрава практика.
Периодот пак кога е направен дефицитот, односно до мај, годинава се совпаѓа со предизборието, а Гошев нагласува дека ваквите трошења се случувале особено во изборни години како што и беше оваа.
Исплатени се големи обврски што се ветени пред изборите и тие морале да ги исплатат, затоа што на тој начин и компаниите и менаџерите и работниците се поткупени да излезат на избори.Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
„Во периодот пред изборите го потроши „лавовскиот“ дел од буџетскиот дефицит предвиден за цела година. Се разбира има и нешто друго, бидејќи владата континуирано има неизмирени обврски и таа во еден период мора да одговори на тие неизмирени обврски, наталожени од претходниот период, бегајќи од пукањето на балонот во економијата или во одредени слоеви на населението и кај одредени социјални групи“, објаснува Гошев.
И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека главната причина за големиот буџетски дефицит направен за краток период се изборите што се одржаа во април.
„Исплатени се големи обврски што се ветени пред изборите и тие морале да ги исплатат, затоа што на тој начин и компаниите и менаџерите и работниците се поткупени да излезат на избори. А второ, треба да се очекува дека во нареден период нема такви обврски за ветени пари на одделни корисници на буџетот, значи тој интензитет на исплати ќе биде многу послаб“, вели Хајредини.
Гошев пак нагласува дека очекувано е сега владата да нема доволно пари за да ја финансира целата година, но прогнозира дека ребалансот ќе се одложува уште некој месец.
„Логично е да направат ребаланс на буџетот, тоа е нужност, меѓутоа не е јасно како тие ќе постапат, дали и покрај сите ветувања и покрај сите сугестии не меѓународните финансиски институции, ќе направат напори да останат во рамките на истиот процент на буџетски дефицит или ќе мора да го зголемат по којзнае кој пат предвидениот буџетски дефицит. Ако тоа не го направат, формално ќе имаме ист буџетски дефицит, а реално ќе биде многу поголем, скриен во зголемени долгови, во зголемени неизмирени обврски“, смета поранешниот гувернер.
Инаку за годинава Владата проектираше буџетски дефицит од 3,5 отсто. Актуелниот министер за финансии Зоран Ставрески при преставувањето на буџетот рече дека тој ќе се финансирал преку домашни и надворешни извори.
Груевски пак во неодамнешното експозе при изборот на новата влада вети дека во следниве четири години фискалната политика ќе била насочена кон умерено ниво на дефицитот и негово постепено намалување.