Достапни линкови

Богов - изборите не би требало да предизвикаат турбуленции


Димитар Богов, гувернер на Народна банка на Република Македонија.
Димитар Богов, гувернер на Народна банка на Република Македонија.

Економијата е стабилна и предизборната кампања не би требало да предизвика турбуленции, порача гувернерот на Народна банка, Димитар Богов. Од СДСМ ја обвинуваат владата дека ги троши парите од буџетот за купување гласови.

Економските движења во моментов се доста поволни и има нагорен тренд на економијата, а забележано е и подобрување на кредитниот раст и зголемување на депозитната активност во банките, при што предизборната кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори не би требало да предизвикаат турбуленции, порача гувернерот на Народна банка, Димитар Богов по предавањето на универзитетот свети Кирил и Методиј за предизвиците на македонската економија во оваа година. Според него девизните резерви се на стабилно ниво и покрај тоа што владата потроши речиси половина од вкупниот буџетски дефицит предвиден за целата година.
Ако оцениме во некој момент дека има потреба за преземање мерки, секако дека ќе преземеме, но оние основни цели, задржување на ценовната стабилност, задржување на стабилноста на банкарскиот сектор ќе бидат остварени.
Димитар Богов, гувернер на Народна банка на Македонија.

„Значи тоа е веќе потрошено, не почувствувавме никакви нарушувања на рамнотежата во економијата, а она што е значајно е дефицитот до крајот на годината се задржа во предвидените рамки.“

Кире Наумов од СДСМ ја обвинува владата дека ги троши парите од буџетот за купување гласови.

„Минатата година за два месеци имавме буџетски дефицит од 6 милијарди денари, оваа година тоа е дури зголемено, односно имаме буџетски дефицит од осум милијарди денари или 47, односно 50 проценти од планираниот дефицит за цела година. Факт е дека и минатата и оваа година за првпат имаме историски највисоки планирани буџетски дефицити, тоа оди над 3 проценти, односно околу 4 проценти од Бруто домашниот производ, тоа де факто излегува надвор од мастришките критериуми.“
Оваа година тоа е дури зголемено, односно имаме буџетски дефицит од осум милијарди денари или 47, односно 50 проценти од планираниот дефицит за цела година.
Кире Наумов, СДСМ.

Богов вели дека Народната Банка засега не гледа потреба за преземање на некакви мерки и тие секој месец ја преоценуваат економската состојба и движењата и предвидувањата за наредниот период.

„Врз основа на сето тоа последниот пат заклучивме дека поставеноста на монетарната политика е соодветна и нема потреба за реакција. Наредниот месец повторно ќе го преоцениме тоа и ако оцениме во некој момент дека има потреба за преземање мерки, секако дека ќе преземеме, но оние основни цели, задржување на ценовната стабилност, задржување на стабилноста на банкарскиот сектор ќе бидат остварени“, рече Богов.

Министерството за финансии, соопшти дека во првите месец и половина од оваа година, владата потрошила 141,5 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG