Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи престојува во официјална посета на Македонија на покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски. Покрај со него тој се среќава и со премиерот Никола Груевски и со претставници на надлежните институции од областа на туризмот, а одржува и предавање на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Република Македонија има Агенција за промоцијата на туризмот, и таа согласно нејзината агенда за работа, постојано ја промовира Република Македонија. Меѓутоа многу е поважно кога Светската туристичка организација ќе застане зад промоција на одредена држава.Магдалена Андоновска, Универзитет за туризам и менаџмент.
Според директорката за односи со јавност на Универзитетот, Магдалена Андоновска оваа посета всушност е надополнување на посетата на претставниците на светската туристичка организација лани кои лоцирале неколку места за развој на адреналинискиот туризам во Македонија.
„Посебно беа заинтересирани за Матка и за ски Центарот на Водно којшто треба да се гради во Скопје. До овие две дестинации се дојде минатата година кога членови на Светската туристичка организација беа во посета на Република Македонија и практично можеа да ги видат овие две дестинации и посебно од Матка беа исклучително воодушевени“, вели Андоновска.
Во секој случај Светската туристичка организација има инструменти со кои во промотивна активност може да се вклучи на еден издржан начин.Науме Мариноски, Државен факултет за туризам и угостителство.
Ова лето пак главниот туристички центар во Македонија, Охрид се соочува со доста лоша сезона. На вонредната седница што ја одржа минатата недела општинскиот совет се заклучи дека му е потребна маркетинг стратегија за да се подобрел нарушениот углед на градот. Иако сега во градот за разлика од почетокот на јули има повеќе туристи, некаде околу 15 илјади, сепак е полупразно, бидејќи Охрид располага со речиси 30.000 легла.
Според професорот од државниот факултет за туризам и угостителство Науме Мариноски треба да се почека да заврши сезоната за да се заклучи колку таа била успешна или не. Тој додава дека годинава градот имал доволно странски туристи, но потфрлиле домашните поради, како што вели, лошата економска ситуација во земјава.
Рифаи пак при посетата на Охрид беше оптимистичен за туристичката иднина на градот. Тој оцени дека во светот немало многу места каде што на уникатен начин како таму биле испреплетени природната убавина, културно- историското богатство, убавината на планините и езерото.
Нагласи и дека Светската туристичка организација ќе преземела низа мерки за поголема промоција на градот, кој како што рече, наскоро ќе станел еден од најпознатите во светот а локалните власти ги посоветува да ја подобрат инфраструктурата.
Според Мариноски организацијата што ја предводи Рифаи може многу да помогне за промоцијата на земјава.
„Во секој случај Светската туристичка организација има инструменти со кои во промотивна активност може да се вклучи на еден издржан начин“, оценува Мариноски.
И Андоновска смета дека многу е важно Светската туристичка организација да работи на промоцијата на Македонија.
„Република Македонија има Агенција за промоцијата на туризмот, и таа согласно нејзината агенда за работа, постојано ја промовира Република Македонија. Меѓутоа многу е поважно кога Светската туристичка организација ќе застане зад промоција на одредена држава,“ вели Андоновска.