Достапни линкови

Крушево без вода, туристите не се задржуваат во градот


Крушево.
Крушево.

Партизански се снаоѓаме, со водава е катастрофа, имав едни туристи за 5 дена, си бегаат за два дена, вели издавач на соби од Крушево коментирајќи ги повеќечасовните рестрикции за вода.

Крушевските домаќинки маки мачат да ја одржат хигиената во домот, бидејќи во градот има многучасовни рестрикции на вода и во текот на денот и преку ноќ. Полнат вода и во кујните и во купатилата, но сепак велат, тоа не е доволно. Стравуваат од појава на инфекции, особено кај децата.

Собираме вода во кофи, во шишиња, во сè, значи ова не е во ред, некој ако не сака да плаќа, па зошто ние граѓаните, да страдаме и за нив.
Славица Мишу, жителка на Крушево.

„Собираме вода во кофи, во шишиња, во сè, значи ова не е во ред, некој ако не сака да плаќа, па зошто ние граѓаните, да страдаме и за нив“, вели крушевчанката Славица Мишу.

„Не знаеме зошто е оваа ситуација вака, но не е добро, како ќе одиме сега ние во 21 век без вода, основната потреба на човекот да се истушираш“, вели Савка Христоска.

Никако, партизански се снаоѓаме, со водава е катастрофа, имав едни туристи за 5 дена, си бегаат за два дена, без вода, со деца со луѓе.
Издавач на соби во Крушево.

Оваа состојба се реперкуира и врз туризмот. Угостителите се жалат дека во шпиц на работата, од чешмите не тече ни капка вода. Издавачите на соби велат дека туристите поради овој проблем го скратуваат својот престој, а гостите испраќаат апели за да се реши проблемот.

„Секојдневните рестрикции и тоа два пати дневно, ни прават страшен проблем во работењето.“

„Никако, партизански се снаоѓаме, со водава е катастрофа, имав едни туристи за 5 дена, си бегаат за два дена, без вода, со деца со луѓе“, велат издавачите на соби.

Реагира и крушевската опозиција.

„Да најдат од некаде начин да се снабдат со вода, извори, средства, донации, нели еве апел за да се снабди градот со вода, штета е еден ваков град да биде во ваква состојба“, велат во СДСМ.

Во услови кога градот нема вода, велат, се зголемува долгот на јавното комунално претпријатие за неплатени сметки за струја.

„СДСМ апелира и сериозно е загрижен за ваквата ситуација, бидејќи според податоците кои се усвоени како годишна сметка на Јавното комунално претпријатие, тоа го зголемило долгот кон ЕСМ-ЕВН за цели 3 милиони денари во однос на 2012 година“, вели Трајче Калевски, претседател на крушевската организација на СДСМ.

Градоначалникот Ѓорѓи Дамчески смета дека без владина помош, проблемот не ќе може да се реши.

„Моментално не се врши пумпање на вода кон Крушево од регионалниот водовод Студенчица, поради тоа што Јавното комунално претпријатие кон Електродистрибуција има вкупни долгови од околу 12 милиони денари“, изјави градоначалникот Дамчески.

Според него, проблемот може да се реши со ангажирање на вода од извори во Поречието, кои ќе се приклучат на градскиот водовод. Но, за да се реши ова прашање, неопходна е согласност од Општина Македонски Брод и Владата. Тој очекува помош и разбирање, за да се реши овој долгогодишен проблем на Крушево.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG