Достапни линкови

Колку вработени, толку невработени во Крушево


Крушево.
Крушево.

Во Крушево има околу 1.500 вработени и исто толку невработени. Нема податоци колку луѓе се иселиле од градот.

Од вкупно 9.800 жители во Општина Крушево, според официјалните статистички податоци, бројот на невработени е речиси ист со бројот на вработените. Околу 1.500 граѓани се пријавуваат во Агенцијата за вработување, други 500 се вработени во јавниот, а приближно 1.000 крушевчани работат во приватниот сектор.
Отворањето на еден-два стопански капацитети заедно со промовирањето на туризмот ќе придонесат за подобро живеење на градот.
Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.

Нема информации колкав дел од евидентираните жители мигрирале во поголемите градови или колку семејства целосно се иселиле и заминале во странство и колкав дел од нив, поради тоа и не се на листата невработени. Но, јасно е дека освен хотелот Монтана Палас и текстилната фирма Голд текст, економските движења во градот се сведени на вработувања во малите кафулиња, кафеанчиња, трговски дуќани, човек фирми и други мали приватни фирми, во кои вработени се борат за опстанок.
Она што беше инфраструктура, беше малку запоставено, не поради тоа што ние не сакавме како Општина да го оствариме, туку затоа што финансиски не можевме да изнајдеме средства.
Коста Мицкоски, раководител на одделот за ЛЕР во Општина Крушево.

Локалната власт, поаѓајќи од оваа катастрофална економска слика на градот, вложува напори да отвори индустриска зона, во близина на селото Алданци.

„Се предвидува изградба на индустриска зона со вкупна површина од 12.5 хектари поделено на неколку парцели. Ние како локална самоуправа ќе вложиме максимум напори, се она што е во наша можност да обезбедиме поволна инфраструктура, сите можни бенефити кон потенцијалните инвеститори ќе ги преземеме, животно сме заинтересирани за функционирање на таа индустриска зона. Отворањето на еден-два стопански капацитети заедно со промовирањето на туризмот ќе придонесат за подобро живеење на градот“, изјави градоначалникот Ѓорѓи Дамчески.

Тој тврди дека има потенцијални инвеститори, пред се во сферата на лесната текстилна индустрија, за што, како што вели, во Општина Крушево има квалификуван кадар. Од друга страна се водат и разговори, се бара поддршка за рестартирање на капацитетите на Тутунскиот комбинат, во кој некогаш работеа околу 300 крушевчани. А, од одделот за ЛЕР, пак, ја потенцираат и заложбата за развој на туризмот. Но, поради недостиг на средства не се реализирани сите 39 проекти од Стратегијата за развој на туризмот која била донесена за период од 2008 до 2013 -та година, а која наскоро ќе се ревидира.

„Тие средства кои што ни беа на располагање не натераа да што повеќе акцент фрламе на промоцијата. Она што беше инфраструктура, беше малку запоставено, не поради тоа што ние не сакавме како Општина да го оствариме, туку затоа што финансиски не можевме да изнајдеме средства“, изјави Коста Мицкоски, раководител на одделот за ЛЕР во локалната самуправа во Крушево.

Локалната власт настојува да се стават во функција сите капацитети на градот за развој колку на споменичниот, толку и на летниот и зимски туризам. Но,поради ограничените финансиски средства се подготвуваат проекти со кои ќе се обезбедат средства од странски фондови. Крајната цел е градот да заживее и да се стопира „белата чума“ која остава се поголеми последици во демографската структура на Општината со вкупно 19 населени места.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG