Достапни линкови

Со 1.600 денари не се издржува


Благица Ристеска од Крушево, самохрана мајка на две ќерки.
Благица Ристеска од Крушево, самохрана мајка на две ќерки.

Самохраната мајка Благица Ристеска е без работа, без пари, без надеж дека следниот ден ќе биде подобар. Таа и нејзините две ќерки живеат со социјалната помош од 1.600 денари.

Крушевчанката Благица Ристеска (45), самохрана мајка на две ќерки, и оваа зима стравува дека ќе премрзнат од студ и глад како и ланската. Работа нема, дрва нема за греење во студените ноќи, ниту зимница, ниту надеж дека следниот ден ќе биде подобар од овој.
Си дојдов од операција, немавме дрва, немавме за јадење, три месеци не кажував на никој, мислев ајде ќе помине сето тоа, си пиевме само чај од нане, и секогаш кога и да дојдеа луѓето кај нас, се правевме дека е сè во ред, дека имаме за јадење, дека имаме за пиење, а после тоа веќе не се издржуваше, девојчињата појдоа во социјално, да се молат.
Благица Ристеска од Крушево.

Со поголемата ќерка Христина, која ги прекинала студиите на Високата медицинска школа во Битола, бидејќи немаат пари ни за леб, двете од утро до мрак одат по селата, молат работа, да берат пиперки, да чистат дворови, куќи, да работат се што може, чесно со труд да си го заработат лебот. Навечер се враќаат дома преморени, колку од работа, толку и од напорот и срамот, зашто многу пати и со работа не можат да заработат колку за храна за денот што изминува. Помош немаат од никој, од моментот кога останале сами, пред три години, кога сопругот заминал на работа во странство, ама не се вратил веќе.
Благица Ристеска од Крушево и ќерки и Христина.
Благица Ристеска од Крушево и ќерки и Христина.

„Си дојдов од операција, немавме дрва, немавме за јадење, три месеци не кажував на никој, мислев ајде ќе помине сето тоа, си пиевме само чај од нане, и секогаш кога и да дојдеа луѓето кај нас, се правевме дека е сè во ред, дека имаме за јадење, дека имаме за пиење, а после тоа веќе не се издржуваше, девојчињата појдоа во социјално, да се молат“, вели Благица.
Немаме доволно средства за да го продолжам факултетот, значи секој ден работам тоа што ќе се најде со мајка ми, на тутун, нижење, на пиперки, ваму-таму, се што ќе се најде...ама тоа не стигнува за леб, а не за на факултет да се оди. Сакам работа за мајка ми, не сакаме никој ништо да ни даде, само работа, другото сами ќе го извадиме.
Христина Ристеска од Крушево.

Ниту таа, ниту ќерката Христина не ги кријат солзите во очите. Христина веќе ја живее суровоста на животот. На моменти се срами од друштвото,од другите луѓе, зашто не може да живее комотен живот, како и младите од својата генерација. Ќе и протече по некоја солза во окото, додека со смрзнати раце бере тутун, пипер по нивите, но потоа вели ќе го стврди срцето и ќе продолжи. Најважно и е навечер дома, да однесат леб на трпезата, за да јадат трите, за да доучи барем помалата сестра Мартина, која годинава треба да матурира во круешвската гимназија.

„Немаме доволно средства за да го продолжам факултетот, значи секој ден работам тоа што ќе се најде со мајка ми, на тутун, нижење, на пиперки, ваму-таму, се што ќе се најде...ама тоа не стигнува за леб, а не за на факултет да се оди. Сакам работа за мајка ми, не сакаме никој ништо да ни даде, само работа, другото сами ќе го извадиме“, вели Христина.

Куќа немаат, живеат во дел од домот на свој сограѓани, кои се иселени во Австралија. Се договориле, тие да има ја чуваат куќата, а за возврат да се сместат под покривот, да не лутаат по улиците. Многу пати луѓето како да не им веруваат на маката, кога ќе видат дека собата во која живеат изгледа пристојно, но велат тие немаат ни еден предмет како имот, а не стан и мебел. Секој момент може да се случи да останат на улица. И облеката им ја подаруваат добри, хумани луѓе. Нема врата каде што не тропнала за да бараат работа, вели Благица, конкурирала и на огласот на Македонски Шуми, но без успех.

„На огласот најмногу се надевав дека ќе бидам вработена и дека нормално ќе ја поминеме и зимата и летово. Само два кубика имам земено дрва и тоа со парите што ги сработивме со ќерка ми, а најмалку ни требаат 10 кубици дрва, тоа се 20.000 денари..не знам“, се жали оваа жена.

Најтешко велат им е, на крајот од денот, кога сите луѓе ги затвораат вратите да се одморат и задоволни ќе се соберат на семејната трпеза, па со смеа и радост да заминат на спиење. Но, секоја ноќ за Благица и двете ќерки, животот е уште поголем кошмар од денот. Ги гризе стравот од неизвесноста за следното утро, дали ќе им ја исклучат струјата како многу пати досега, дали ќе се разболат од студ, дали ќе имаат сув леб да се прехранат. Со воздишки и болки во душата велат, не молат за милостина од луѓето, единствено бараат чесна работа, за да продолжат да живеат нормален живот, за да и нивниот дом го огрее сонцето и топлина се вгнезди во нивните срца.

Каква ќе биде судбината на ова семејство од Крушево, во моментов зависи од државните институции, а од Министерството за труд и социјална политика во голема мера. А, освен социјалната помош што ја добиваат од 1.600 денари, не добивме одговор дали има простор и за друга помош за ова семејство.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG