Косово денеска ја почнува изградбата на автопатот Приштина-граничен премин Блаце, на косовско-македонската граница. Делницата од шеесетина километри треба да чини 820 милиони долари, а работите треба да завршат за 42 месеци, односно на крајот од 2017 година. Косовските власти се надеваат дека со овој автопат нивната земја ќе стане крстопат за сообраќај од грчките и албанските пристаништа и оти ќе го поттикне долгорочниот економски раст на Косово.
Земајќи предвид дека Косово како пазар е еден од најинтересните пазари за економијата во Македонија, бидејќи многу производи од кај нас се извезуваат во Косово, така што изградбата на овој автопат само ќе го забрза тој процес, односно ќе им овозможи на нашите компании да земат поголем дел од тој пазар.Арбен Халили, Стопанска комора на северозападна Македонија.
Од друга страна, се чини дека авопатското поврзување со Косово не е врвен приоритет за македонските власти. Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека автопат до Косово ќе биде од голем интерес и за македонските фирми и затоа постојано бараат од владата да го изгради и македонскиот дел, имајќи предвид дека Косово е еден од најголемите трговски партнери на Македонија.
„Земајќи предвид дека Косово како пазар е еден од најинтересните пазари за економијата во Македонија, бидејќи многу производи од кај нас се извезуваат во Косово, така што изградбата на овој автопат само ќе го забрза тој процес, односно ќе им овозможи на нашите компании да земат поголем дел од тој пазар, кој и онака не е мал како бројка“, вели Халили.
Во однос на реализацијата на овој проект е предвидено Меѓународната финансиска корпорација (IFC) да обезбеди советодавни услуги во однос на можностите за концесионирање на делницата Скопје-Блаце во должина од 13 километри, до границата со Косово, по што ќе бидат разгледани можностите за негова реализација по пат на јавно-приватно партнерство.Министерство за транспорт и врски.
Македонските власти најавија дека изградбата на овој автопат на македонската страна, односно од Блаце до Скопје ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнерство. На почетокот на годинава беше најавено дека тендерот за избор на концесионер се очекува да биде објавен по завршувањето на изборите. Во Министерството за транспорт и врски прашавме до каде е работата со тендерот.
„Во однос на реализацијата на овој проект е предвидено Меѓународната финансиска корпорација (IFC) да обезбеди советодавни услуги во однос на можностите за концесионирање на делницата Скопје-Блаце во должина од 13 километри, до границата со Косово, по што ќе бидат разгледани можностите за негова реализација по пат на јавно-приватно партнерство. Предвидено е ова делница да се реализира на ниво на автопат“, стои во одговорот од Министерството за транспорт и врски.
Во предизборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше наведено дека во случај да нема заинтересираност за концесионирање, ќе се разгледуваат алтернативни можност за изградба на делницата.
За значењето на добрата инфраструктурна поврзаност со Косово зборува и податокот дека нашиот северозападен сосед е еден од најголемите трговски партнери на Македонија. Во првите четири месеци од годинава, трговската размена меѓу двете земји е над 80 милиони долари. Според податоците на Државниот завод за статистика, Косово во апсолутен износ, после Германија, е државата со која Македонија има најголем суфицит во трговската размена, односно таму повеќе се извезува, отколку што се увезува. Во првите четири месеци од годинава, од Македонија во Косово се извезени стоки во вредност од скоро 70 милиони долари, а увозот е под 11 милиони долари.