Достапни линкови

ЕУ предупредува, препораката ни виси


Еврокомесарот Филе предупреди дека земјава ризикува да се врати назад во многу области во кои порано имаше напредок. И додека земјите од западен Балкан се сè поблиску до ЕУ, Македонија се изгуби во исполнување на критериумите.

Во обид пред истекот на својот мандат да покаже што поголем успех и да извади максимум од државите претенденти за ЕУ, Европската комисија отвори сериозна шанса за напредок на земјите од Западен Балкан. Во тие рамки еврокомесарот Филе неодамна и го достави кандидатскиот статус на Албанија и најави отворање на три нови преговарачки поглавја со Црна Гора. Истовремено, Црна Гора доби најава за интензивирање на разговорите за членство во НАТО, со најава да добие покана до крајот на 2015 година.

Механизмот е Европската Комисија во извештајот да каже дека нема оваа година да даде препорака за Македонија, доколку е загрозен политичкиот критериум, имаше такви најави, впрочем мислам дека и тоа значи најавата на Филе.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

„Ако сите од регионот одат напред, а ние стоиме во место или се враќаме назад, тогаш и самите се изолираме и сме изолирани од соседите, тоа за нас значи дека ние се занимаваме со сосема поинакви проблеми, во однос на Србија, на Црна Гора, па дури и на Косово, значи ние веќе сме во онаа категорија со држави коишто имаат проблематична функционалност, за жал“, посочува Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

Нашиот политички систем постојано е во криза, сега имаме и нефункционален парламент, се очекува некаков напредок во делот на слободата на медиумите, судството, фунционирањето на институциите, партизираноста на државата. Кога функционалноста на системот е доведена во прашање, не може да се разговара за други прашања, велат експертите.

Пораката укажува на тоа дека се уморни од нас и за се што се случува само треба да се справиме со последиците.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Пораката укажува на тоа дека се уморни од нас и за се што се случува само треба да се справиме со последиците“, е на мислење професор Мерсел Биљали.

Во интервју за интернет порталот Нова ТВ еврокомесарот Филе порачува дека сака да види резултати во сите области кои ги подвлече ОБСЕ/ОДИХР во извештајот по изборите и очекува конструктивен дијалог меѓу власта и опозицијата. Доколку тоа не се случи земјава ризикува да се врати назад во многу области во кои порано имаше напредок, посочува Филе. Според експертите самото предупредување од можно назадување може да значи и најава за одземање на препораката во есенскиот извештај на комисијата.

„Механизмот е Европската Комисија во извештајот да каже дека нема оваа година да даде препорака за Македонија, доколку е загрозен политичкиот критериум, имаше такви најави, впрочем мислам дека и тоа значи најавата на Филе, дека има можност Македонија да назадува, зошто не гледам што друго би било назадување, освен одземање на препораката“, посочува Маричиќ.

До септември ќе се очекува напредок во политичкиот дијалог и надминување на политичката криза. Каков и договор да се случи ќе мора да вклучува некакво поместување во посочените области, медиумите, изборната регулатива , пописот, судството, партизираноста на државата, велат експертите. Во меѓувреме јасни пораки испраќа промената на начинот на комуникација на ЕУ со нашата земја. Веќе не се случуваат посети од ЕУ на политичко ниво и тие се сведуваат на стручно и техничко ниво.

XS
SM
MD
LG