Достапни линкови

Тајни преговори за враќање на опозицијата во Собранието?


Преговори зад сцена за одложување на оставките со законска конфузија поради политички интереси. Ова се шпекулациите и коментарите пред денешната собраниска седница прва по поднесувањето на пратеничките оставки опозицијата.

Непосредно пред да се одржи собраниската седница на која треба да им бидат констатирани оставките на пратениците од опозицијата, медиумите пишуваат за преговори зад сцената и можноста да бидат одложени оставките во парламентот.
Во Уставот стои дека на првата наредна седница се констатираат поднесените оставки и можноста денеска да не бидат верификувани оставките на пратениците и тоа да се одложи за некоја наредна седница за мене исто така е кршење на Уставот.
Тито Петковски, претседател на НСДП.


Извори од СДСМ велат дека не знаат за такво сценарио и дека остануваат на својот став да дејствуваат вонинституционално.

Од партијата очекуваат претседателот Трајко Вељаноски да ги констатира нивните оставки и велат дека до овој момент немаат официјална потврда дали двете нивни пратенички Љубица Буралиева и Солза Грчева ќе ги повлечат оставките.


Според законската процедура, пред да почне расправата по точките на дневен ред за денешната собраниска седница, спикерот Вељаноски треба да ги констатира оставките на 33 пратеници од опозицијата. Имајќи предвид дека и Уставот и собранискиот Деловник предвидуваат дека оставката се поднесува на седница, тоа значи дека до почетокот на седницата народниот пратеник кој лично и писмено ја депонирал својата оставка има право и да ја повлече. Пратеникот, кој поднел оставка има право да ја образложи на седница.
Тоа разногласие околу можноста некои пратеници да примаат или да не примаат плата го доведе во ситуација собранието да ги уреди тие работи со закон.
Тито Петковски, претседател на НСДП.


За тоа дали е можно Вељаноски да не им ги констатира оставките на пратениците, Тито Петковски вели дека постои конфузија предизвикана од различните политички интереси. Иако за прв пат имаме ситуација во која се работи за враќање на мандатот, а не за престанок, Вељаноски се раководи со уставната одредба престанок на мандат на пратеникот, што, пак, се констатира на првата наредна седница откако пратеникот поднел оставка.

„Во Уставот стои дека на првата наредна седница се констатираат поднесените оставки и можноста денеска да не бидат верификувани оставките на пратениците и тоа да се одложи за некоја наредна седница за мене исто така е кршење на Уставот“, вели Петковски.

Според процедурата, по оставката на народен избраник нема дебата, туку едноставно претседателот на Собранието ја констатира оставката. Доколку Грчева и Буралиева ги повлечат оставките, тогаш пред Вељаноски ќе се најдат 32 оставки и тоа 31 од листата на социјалдемократите и една од мандатарот Никола Груевски.

Со констатирање на оставките престанува мандатот на избраниот пратеник. Вељаноски ќе треба да ја извести Државната изборна комисија дека престанал мандат на пратеник и побара кој е нареден на листата.

Во исто време на дневен ред на денешната седница е и предлог законот за изменување на законот за пратениците, по скратена постапка, чија цел според Петковски е прецизирање на одредбите околу статусот и плаќањето на пратениците.

Последните разногласија во врска со правото на апанажа на пратениците од опозицијата кои ги вратија мандатите, а меѓу нив има и такви кои ниту еден ден не седнале во пратеничкото столче се причина за брзањето со овој закон, вели Петковски.

„Тоа разногласие околу можноста некои пратеници да примаат или да не примаат плата го доведе во ситуација собранието да ги уреди тие работи со закон“, вели Петковски.

Од СДСМ, пак, велат дека ваквата постапка е брзање без потреба и оти дури и да бидат донесени измените на овој закон, истите нема да важат за нивните пратеници, оти тие се стекнале со пратеничкиот мандат во период кога важел друг текст на законот.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG