Достапни линкови

Мехмети - Рано е да се зборува за постизборни коалиции


Интервју со Ермира Мехмети
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:01 0:00

Интервју со Ермира Мехмети

Во овој момент мислам дека сè уште е рано, особено што сме во кампања, да даваме некакви оценки како би изгледала новата влада, затоа што тоа сепак влијае кај гласачите, вели Ермира Мехмети од ДУИ во интервју за Радио Слободна Европа.

Вашиот лидер најави дека ДУИ и во вториот круг нема да поддржи ниту еден од претседателските кандидати. Како тоа ќе влијае на резултатот? Има ли воопшто некакво влијание?

Она што е најизвесно во овој момент е дека ќе имаме претседател избран без целосен легитимитет, без разлика што тој може да освои и милион гласови, но сè додека тие ги застапуваат само гласовите на македонската етничка заедница, тоа ќе значи дека тој претседател ќе владее всушност со криза на легитимитет.

Како ќе влијае тоа на владејачката коалиција, ако идната влада ја формираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Дали тоа значи политичка криза уште на самиот почеток?

Мислам дека сè уште е рано да дадеме конечна оценка како тоа ќе изгледа, затоа што имаме уште денови од кампањата. Мислам дека таквите анализи ќе треба допрва да ги правиме, почнувајќи од 28 април. Во овој момент мислам дека сè уште е рано, особено што сме во кампања, да даваме некакви оценки како би изгледала новата влада, затоа што тоа сепак влијае кај гласачите, во позитивна или во негативна смисла.

Како го коментирате тоа што на некои гласачки места имаше апсолутна неизлезност. Нели им го одзеде со тоа вашата партија правото на глас на граѓаните, што е основно демократско право?

Не би се согласила, ние во ниту еден момент не рековме дека нема да дозволиме да гласаат етничките Албанци, но повикавме да се одбијат всушност кандидатурите на овие кандидати коишто беа номинирани од страна на определени матични партии. Ние барем едно шест месеци однапред создадовме клима и амбиент за тој модел или концепт на консензуален претседател, за жал, јавноста не беше подготвена, но има една филозофска мисла која гласи – Сите нови идеи на самиот почеток се исмејуваат, во втората фаза кон нив се создава отпор, но конечно на крајот тие се прифаќаат! Ние сме убедени дека и моделот на консензуален претседател во една блиска иднина ќе биде прифатен како модел.

Во делот на излезноста. Опозициската ДПА ве обвини дека имало ваши партиски луѓе на гласачките места. Тие ве обвинија дека тоа што го правите е диктатура и притисок врз административните работници кои се вработени партиски. Како го коментирате тоа?

Сите политички партии согласно изборниот законик имаат свои претставници на изборните места. Ние никогаш не рековме дека нема да учествуваме во избирачкиот процес, без разлика што нема да номинираме кандидат. Наша должност беше да го следиме одблиску процесот за да не дозволиме да се манипулираат гласовите. Она што го вели Демократската партија на Албанците мислам дека е една предвремена елегантна најава за создавање алиби за поразот на 27 април.

Што покажуваат резултатите од првиот круг? Дали резултатите во ист обем можат да се повторат на парламентарните избори и ВМРО-ДПМНЕ да добие 62 пратеника?


Слушам дека ВМРО-ДПМНЕ гради таква клима во јавноста за време на кампањата дека ова се некакви избори на меѓусебни натпреварувања и избори против некого, жалам што на тој начин и во тој дух ја градат кампањата и ги градат сопствените политики затоа што јас верувам во еден поинаков модел на политика, тоа е политика за сите, а не политика против некого. Во секој случај 27 април ќе докаже кој колку пратенички места успеал да собере. Она што мене ме загрижува е што таквата клима на поларизација што се создава во време на избори, потоа создава проблеми и понатаму, значи не е прифатлива реторика на популизам, на подигање на етнички страсти, на говорење против некого во кампања, не е прифатливо сето тоа да се претвори во некакво правило, бидејќи во вакви етнички фрагментирани општества, таквата кампања и таквата реторика имаат подолгорочни последици.

Стравувате ли дека ќе ви опадне моќта ако ВМРО-ДПМНЕ има 62 пратеника?

Ние во овој момент сме сконцентрирани да ја спроведеме нашата изборна кампања. Ние не градиме клима на собирање на мандати против некого, наша цел е да ја засилиме нашата политика во интерес на гласачите Албанци и сите оние етнички заедници коишто нас не гласаат или ни веруваат. Како понатаму би изгледал соодносот на силите, мислам дека може да говориме после 27 април.

Ако повторно владата ја формираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дали ќе барате претседателот на собранието да биде Албанец, односно за кои дополнителни места во владата ќе типувате?


Она што нам ни е сега засега единствена цел и стратегија е да успееме на овие избори да обезбедиме најголем број на мандати во албанското гласачко тело. Жалиме што нашиот најголем ривал во албанскиот блок ДПА е прилично фрагментирана и однатре страда од некои внатрешни судири и конфликти. Во таа смисла можеби битката не е фер, затоа што тие и внатрешно се натпреваруваат, но се обидуваат да се натпреваруваат и на избори. Во секој случај, нас ништо не нè обесхрабрува во нашите намери, нашиот план, нашата замисла на овие избори за успееме да го обединиме максимално албанското гласачко тело.

Пред изборите бевте обвинувани дека проблемот не е консензуалниот претседател, туку дека ДУИ условува уставни промени со цел да добие една од трите највисоки функции во државата.

Не мислам дека функцијата претседател на Собрание или премиер може да се условува со уставни промени. Едната позиција е всушност позиција што се преговара по однос на силите, а втората се добива на избори. Во секој случај нашата политичка замисла, која, за жал, јавноста во Македонија сè уште не е во целост подготвена да ја прифати е да изградиме таков модел на демократско мултиетничко општество во кое без комплекси би можеле да веруваат и Македонците во еден премиер Албанец, зошто тоа да е толку невозможно.

Имаше обвинувања дека всушност глумите кавга со ВМРО-ДПМНЕ за и двете партии да извлечете корист од гласачите.

Ми пречи тоа што секогаш некој политиките и позициите на ДУИ ги толкува како некакви кавги, како некакви игри кои во позадина имаат некое друго сценарио итн. Нашите намери, ставови и политики отсекогаш биле конзистентни. Нашите кавги со ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на принципите и разликите коишто ги имаме по однос на определени концепти во државата. Ако тоа го говориме јавно, тоа не значи дека тоа е глумење на кавга, напротив говори дека коалицијата функционира по однос на волјата на гласачите, но однатре се подразбира дека има определени потешкотии и проблеми кои понатаму се обидуваме да ги решаваме.

Како ја коментирате регуларноста на изборите во првиот круг? Имаше посочувања од повеќе невладини организации, а главата забелешка на ОБСЕ беше дека не постои поделеност на партијата и државните активности?

Со измените на Изборниот законик, во што учествуваа сите политички партии, значи го донесовме со консензус Изборниот законик пред почетокот на кампањата, направивме такви одредби коишто успеваат да ја поделат партијата од државата, така што во таа смисла се обидовме да направиме пробив и напредок во градење или создавање на таа разлика помеѓу едното и другото. Доколку целосно не сме успеале да го направиме, тоа значи дека сè уште има простор за подобрување на одредбите во Изборниот законик.

Во делот на нерегуларностите, како ги коментирате посочувањата од МВР дека имало граѓани кои добиле СМС пораки на албански јазик да не излегуваат и да не гласаат за претседател во првиот круг?

Има секакви шпекулации, не знам дали МВР ги гледа, коментира и дали дава некакви објаснувања за оние СМС пораки на македонски јазик кои пристигнувале или, пак, за оној инцидент во Радишани каде активисти на ВМРО-ДПМНЕ непосредно после изборите упаднале во домот на едно албанско семејство. Не знам, не сум сигурна која е оценката на МВР по однос на инцидентот во Шуто Оризари каде што еден пратеник беше исфрлен, физички нападнат од страна на активисти на една политичка партија. Тоа се веројатно сите слабости на нашиот систем за коишто допрва треба да поработиме и да ги подобриме. Јас во принцип верувам дека она што е наша цел како политичка елита после изборите е навистина да се сконцентираме заеднички да го подобриме квалитетот на нашата демократија. Свесна сум за слабостите, сакам да се обидеме барем да ги подобриме.

Во медиумите се појави дека вашиот лидер изјави дека по предвремените парламентарни може да следуваат и вонредни парламентарни уште еднаш, но не беше доволно објаснето под кои услови. Дали ова воопшто може да се случи?

Лидерот Ахмети говореше за некое можно сценарио во случај да не успееме да направиме пробив или чекор напред во смисла на евро интеграциите и самитот на НАТО закажан за во септември. Но, мислам дека сè уште е рано, допрва треба да видиме како ќе изгледа новото парламентарно мнозинство, поделбата на ресори итн., и кои ќе бидат приоритетите запишани се разбира во програмата на новата влада.

Вашата партија постојано инсистира на интеграциите во ЕУ и во НАТО. Што воопшто ќе се случи ако и на самитот во септември состојбата со влегувањето на Македонија во НАТО остане непроменета
?

Мислам дека одговорот или ставот на господинот Ахмети се однесува на некое такво можно сценарио, но јас не би го коментирала поопширно во овој момент.

Во јавноста се наметна шпекулацијата дека е можна коалиција ВМРО–ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Можно ли е ДУИ да не влезе во новата влада, или, пак, дали е можна влада во која би биле заедно ДУИ и ДПА?

Во овој момент навистина не разбирам чуму некој би сакал да прави авантури по однос на формирање на новата влада во ситуација кога јасно е кои се приоритетите и интересите на државата, да предизвикува нови внатрешни политички кризи. Не мислам дека тоа е во интерес на која било политичка партија. Освен тоа, ако ги погледнеме резултатите од првиот круг од претседателските избори, мислам дека не може да говориме за некаков политички потенцијал на ДПА за да калкулира со евентуално место во новата влада.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG