Достапни линкови

Запалива меѓуетничка реторика на штета на државата


ВМРО-ДПМНЕ бара 62 пратеници за да го избегне притисокот од ДУИ, а ДУИ бара 25 мандати за партијата да има поголемо влијание во идната влада.

Повикот на владејачките ВМРО-ДПМНЕ до гласачите да обезбедат чисто мнозинство од 62 пратеници за да го избегнат притисокот од страна на ДУИ, како и повикот на лидерот на ДУИ до етничките Албанци да ѝ помогнат на партијата да обезбеди 25 мандати за партијата да има поголемо влијание во владата е реторика на национализам преку која најлесно се добиваат гласови но која може да ја зголеми недовербата во нашето поделено општество, посочуваат експертите.
За гласови кои се добиваат на меѓуетничка нетрпеливост или промовирање на својата етничка група, сè што ви треба е добра и екстремна реторика.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„За гласови кои се добиваат на меѓуетничка нетрпеливост или промовирање на својата етничка група, сè што ви треба е добра и екстремна реторика и гласовите се добиваат. Многу потешко се добиваат гласовите кои бараат резултати или креативни идеи“, изјави аналитичарот Алберт Муслиу.

Ваков тип на повици не се ниту пожелни ниту пријатни во нашиот етнички амбиент, посочуваат експертите, но секако се веќе видени и слушнати во изборните кампањи, па веројатно се и нешто на што навикнале и граѓаните па нема изгледи дека ќе паднат под влијание и ќе ги сфатат сериозно.
Таа реторика сака да предизвика поголема излезност на гласачите кои се склони да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Ако тие така повикуваат, ама не ми се верува дека ќе предизвикаат такво нешто.“

„Нека си зборуваат, ама треба да бидат почитувани и другите етноси. Тука веќе се создава еден јас, 21 век сме, не би требало така да се произнесуваат.“

Вака реагираат граѓаните кои ги запрашавме за мислење околу реториката на етнички поделби, што, како што напиша и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во својот прв периодичен извештај, го обележа стартот на кампањата за парламентарните избори.

Евентуалното исполнување на сценариото кон кое се стремат двете партии од досегашната владина коалиција би значело удар врз демократијата и врз и онака нарушените демократски стандарди, посочуваат експертите.

„Начинот на кој се води политиката кај нас, исклучивоста, ако со просто мнозинство нашите политичари се исклучиви кон спротивното мислење, верувам дека со двотретинско мнозинство ќе бидат апсолутно исклучиви“, вели Муслиу.

Ваквото сценарио е тешко остварливо, анализира политикологот Здравко Савески и повиците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кон гласачкото тело е само мотивација кон него да излезе и да гласа, посочува Савески.

„Таа реторика сака да предизвика поголема излезност на гласачите кои се склони да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“, вели Савески.

Досегашното искуство упатува на тоа, како што додава, дека и во случаи кога едната партија имала мнозинство во парламентот, морала да коалицира со една партија од албанскиот блок, што укажува на тоа дека сегашните повици се дел од пропагандната реторика.
XS
SM
MD
LG