Достапни линкови

Почнува второто изборно полувреме


За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, гласале 449.068 граѓани или 51,67 отсто, за кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски 326.133 или 37,52 отсто од гласачите.

Првиот круг од претседателските избори во Македонија помина мирно. Од 1.779.572 избирачи запишани во Избирачкиот список, на гласање излегле 869.137 граѓани или 48,84 отсто, изјави претседателот на Државната изборна комисија Никола Рилкоски.
Наредните денови сите ќе дознаат кој е главен креатор на криминалите во државата поради коишто пати нашиот народ.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, гласале 449.068 граѓани или 51,67 отсто, за кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски 326.133 или 37,52 отсто, за Иљаз Халими од ДПА 38,966 или 4,48 отсто и за кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски 31.366 гласачи или 3,61 отсто.

Бројот на неважечки ливчиња изнесува 23.674, а Рилкоски рече дека засега нема информација зошто е тоа така.
СДСМ не може да излезе од филмот, кој нивното најтесно раководство го продуцира, според кој виновни за нивниот неуспех се секогаш сите, само не најтесното раководство на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ.

До одржувањето на прес-конференцијата, до ДИК немаше поднесено приговори од учесниците на претседателските избори. Рокот за поднесување на приговори е 48 часа.
Прес-конференција на амбасадорот Герт-Хајнрих Аренс, шеф на ограничената мисија за набљудувачи на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.
Прес-конференција на амбасадорот Герт-Хајнрих Аренс, шеф на ограничената мисија за набљудувачи на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Според ОБСЕ/ОДИХР, Државната изборна комисија главно функционирала ефикасно и најголем дел од нејзините седници биле отворени за набљудувачите и медиумите. Но, според ОБСЕ, актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Ѓорге Иванов имал значителна предност во однос на ресурсите и доминирал во однос на платено-политичкото рекламирање во медиумите. Од организацијата велат дека со јасната поддршка од владата за актуелниот претседател не се испочитува во целост одвоеноста меѓу партијата и државата.
Ние на ниту еден начин нема да ѝ наштетиме[на идејата за конзензуален претседател н.з.] бидејќи таа е многу позначајна од излегување на избори и поддршка на Стево Пендаровски.
Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Од граѓанската асоцијација МОСТ прелиминарно оценија дека гласањето помина во мирна атмосфера со изолирани тензични ситуации и релативно висока излезност на граѓаните, имајќи го предвид фактот дека една политичка партија водеше кампања за бојкот на претседателските избори.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека партијата цврсто и поодлучно од кога било ќе влезе во втората фаза од предизборието каде се преклопуваат кампањите за претседателските и парламентарните избори.

„Од денес почнуваме од нула! Власта во ова второ полувреме од кампањата влегува со психолошка предност, но ние влегуваме со силна одлучност да го откриеме докрај криминалот на власта. Наредните денови сите ќе дознаат кој е главен креатор на криминалите во државата поради коишто пати нашиот народ“, истакна Заев на денешната партиска прес-конференција.

Според него, вчерашните изборни резултати се резултат на систематскиот притисок на власта преку државните инструменти во изминатите осум години.

„Вчера зад опозицијата застанаа околу 330 илјади граѓани на Република Македонија, што е растечка тенденција, а уште огромен број гласачи од разни причини остананаа дома. Во вториот изборен круг треба да ги мотивираме сите тие граѓани да го изразат својот став, кој евидентно, со останувањето дома и порачува на власта дека ја нема нивната поддршка“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека Заев ја повтори истата прес-конференција од денот на изборите според која ги лоцира граѓаните како виновни за нивниот неуспех.

„СДСМ не може да излезе од филмот, кој нивното најтесно раководство го продуцира, според кој виновни за нивниот неуспех се секогаш сите, само не најтесното раководство на СДСМ“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, рече дека неговата партија ќе продолжат во напорите идејата за консензуален претседател да се реализира и материјализира, ако не сега, во процесите што доаѓаат во иднина. Тој рече дека нема да поддржат ниеден кандидат за претседател и ги повика гласачите да гласаат на парламентарните, но да го бојкотираат и вториот круг од претседателските избори.

„Ние ќе продолжиме да ја промовираме нашата голема идеја. Таа идеја ги надмина границите на една страна и партија и стана идеја на најголем дел од Албанците во Македонија. Ние на ниту еден начин нема да ѝ наштетиме бидејќи таа е многу позначајна од излегување на избори и поддршка на Стево Пендаровски“, рече Ахмети.

За односот на ДУИ кон новоизбраниот претседател, Ахмети појасни дека „тој ќе биде едностран претседател и претседател на една заедница, а нема да биде претседател избран со гласовите на втората најголема заедница во земјата – Албанците“.

По објавувањето на првичните резултати од изборите, во штабот на кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, победата со речиси 120 илјади гласови разлика пред Пендаровски ја нарекоа недвосмислено изразена волја на граѓаните и најава за победа, не само на претседателските, туку и на парламентарните избори.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг, односно Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG