Достапни линкови

Неделен печат - Предизборно реално шоу


Фокус пишува за блудниот син олицетворен во владата, Република ја анализира опозицијата, а Глобус пишува за предизборното реално шоу.

Фокус – Блудниот син
Живата пара во оптек, онаа од дефицитот, сега се троши на зауздување на незадоволството на издишаниот граѓанин, за пред изборите да се потисне од неговата свест сиромашлукот со кој секојдневно се соочува.
Фокус.

За нештата да станат појасни Фокус ги објаснува со однесувањето на блудниот син олицетворен во нашава Влада и со економските ситуации што ни претстојат сите нам во државата која не може да мрдне со стапка на економски раст над 2-3 отсто, која троши повеќе отколку што може да произведе, со 28 отсто невработени и со над 400 илјади иселени. Ќе биде далеку потешко отколку досега, тврди Фокус, бидејќи „живата пара во оптек, онаа од дефицитот, сега се троши на зауздување на незадоволството на издишаниот граѓанин, за пред изборите да се потисне од неговата свест сиромашлукот со кој секојдневно се соочува. Граѓаните се соочени со коцкарските долгови на блудниот син позициониран во политичката елита која во изминативе 6 години со своите економски политики на коцка ја стави сувереноста на државата! Затоа, годинава ќе биде како увертира за Сурвивор (оној што преживува), вовед во драматичната 2015 година, кога доаѓаат за отплата 700 милиони евра!“ - потсетува Фокус.
По ланскиот пораз на локалните, опозициската партија не презеде ништо да промени кај себе за да може да се надева дека нема да претрпи двоен пораз и на овие избори.
Република.

Република - Опозицијата е убиена од сопствената илузија

Република повторно со негативна диоптрија кон опозициската СДСМ: „Опозицијата е убиена од сопствената илузија“ - тврди неделникот, потсетувајќи дека по ланскиот пораз на локалните, опозициската партија не презела ништо да промени кај себе за да може да се надева дека нема да претрпи двоен пораз и на овие избори. Без вистинска програма и вистински луѓе, друг исход не е можен, тврди Република, која ги убедува читателите дека народот не ѝ верува на СДСМ и дека ќе успее да се врати на Илинденска 2 само кога ќе успеела да ја врати довербата што не се правело со слаб кадар, со лаги и со нереални ветувања.

Глобус – Предизборно риалити шоу


Предизборната кампања за, како што вели, редовно вонредните парламентарни и за претседателските избори, авторот на колумната Таленти во Глобус ја споредува со риалити шоу, па прашува дали, цитирам, „кандидатот на дпмнето, познат и како Хорхе од хациендата на Водно, може по втор пат да биде партиски шеф на државата и неконсензуален претседател на сите граѓани?“. И дека ова било главното прашање од првиот дел на најновото риалити шоу под име: редовно вонредни избори 2014. Глобус наведува дека ова шоу е организирано со цел да ги замајува граѓаните, да го одвлече нивното внимание од сиромаштијата и безизлезот на секојдневието, а дали на граѓаните им е смачено од постојано истите редовно вонредни риалити шоуа и колку им е преку глава од исти прашања за иднината на државата, но без одговори - ќе се види на 27 април.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG