Достапни линкови

Што значи да си млад во Македонија


Сашко Јованов, НВО Македонска платформа против сиромаштија.
Сашко Јованов, НВО Македонска платформа против сиромаштија.

Младите се депресивни затоа што голем дел од својот живот го вложуваат во своето образование, завршуваат и седат дома, без можност за самореализација и понудени опции за вработување, пишува Сашко Јованов од Македонската платформа против сиромаштија во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ако младите се дефинираат како „појава, свежина, енергија, движечка сила на општеството и демократските промени“, од горе напишананото размислувам, во кој дел да ги сместам младите во Македонија.

Сигурно ќе се прашате зошто?
Депресивни се затоа што голем дел од својот живот го вложуваат во своето образование, завршуваат и седат дома, без можност за самореализација и понудени опции за вработување.

Според Меѓународната организација за труд, со 53,7 проценти невработени млади, Македонија е на прво место во светот. Ова го потврдува и истражувањето направено од страна на организацијата Реактор. Па сега сосема е јасно моето прашање каде да ги сместам младите во Македонија? Во првите три да, но во последните воопшто не.

Зошто младите се пасивни, депресивни и се иселуваат?

Депресивни се затоа што голем дел од својот живот го вложуваат во своето образование, завршуваат и седат дома, без можност за самореализација и понудени опции за вработување. Пасивни се затоа што во ова општество каде што живееме не е препознаен младинскиот активизам како опција за изразување на младите, искажување на проблемите, нудење на можни решенија од веќе актуелното „чао Македонијо, јас заминав во друга држава“.

Големата стапка на невработеност кај младите не нуди друга опција освен неверување во системот, државата, политичките партии како креатори на политики кои всушност треба да ги вклучат младите во процесот на донесување на одлуки. Треба да им гарантираат услови и можности за пристап до квалитетно образование, сервиси за помош и поддршка, понуда на работа, квалификација или дообуки за стекнување со нови вештини и практикантство за подобро и полесно вработување.

Многу често на огласите ќе сретнете услов како на пример „работно искуство од две години, добро познавање на англискиот јазик“. Па како да се стекне тоа работно искуство или познавање ако не е понудена таа опција од страна на државата за практикантство и стекнување на потребното искуство. Како младите да се стекнат со добро познавање на англискиот јазик кога имаме млади кои немаат можности да платат за дополнителни курсеви?

Како на еден млад ќе му биде овозможено еднаков пристап и можности на пазарот на труд ако потекнува од сиромашно семејство кое не може да си дозволи да си купи нова облека и да има поголема самодоверба за да се појави на некое интервју, бидејќи трансгенерациски се пренесува сиромаштијата и кај нив?

Како да се реши овој проблем ако во Македонија нема младински центри на општинско ниво каде што младите можат слободно да се изразуваат, да имаат активности кои ќе овозможат младите да се стекнат со дополнителни информации и знаења од областа на неформалното образование, натпревари, часови по избор, каде што на младите ќе им се овозможи квалитетно да го исполнат слободното време?
Македонија реално има проблем со невработеноста на младите, овој проблем и тоа како треба сериозно да се третира.

Како да се реши овој проблем ако нема локални стратегии за млади кои ќе овозможат решавање на проблемите на младите на локално ниво, нивно вклучување во процесот на донесување на одлуки преку формирање на младински совети кои ќе бидат рамноправен партнер на советниците во сите нивоа?

Како да се реши овој проблем кога немаме закон за млади?

Македонија реално има проблем со невработеноста на младите, овој проблем и тоа како треба сериозно да се третира. Додека кај нас се решаваат други неважни прашања во однос на младите, Европска унија има развиено модел наменет за намалување на невработеноста кај младите кој се вика Младинска гаранција, односно модел кој ќе им овозможи на младите да добијат квалитетни понуди за вработување, натамошно образование, практикантство или дообука во рок од четири месеци откако ќе станат невработени или откако ќе го напуштат формалното образование.

Трошоците кои што Европската унија ги пресметала за младинската невработеност и социјалната исклученост во 21 земја во 2009 година изнесува 100 билиони евра (трошоци за здравство, криминал, социјална заштита кај младите). Додека за воведувањето на Младинската гаранција и спречување на младинската невработеност во сите земји членки на Европската унија ќе изнесува 10 билиони евра.

Па разликата е очигледна зошто Европска унија се залага за воведувањето на Младинската гаранција. Затоа МППС воочувајќи ги проблемите на терен од оваа година почна активно да делува во полето на младите, нудејќи конкретни мерки и решенија за намалување на невработеноста кај младите, трансгенерацискиот пренос на сиромаштијата и креирање на политики на сите нивоа вклучувајќи ја и Младинската гаранција.

Иднината е во младите, ако не се сфати сериозно, сегашните проблеми со младите како што ние ги имаме сфатено во МППС и активно се бориме за решавање на истите, тогаш ситуацијата со младите ќе има низа последици, економски, социјални, нарушување на менталното и физичкото здравје за една или повеќе генерации на млади луѓе изложени на ризик.
XS
SM
MD
LG