Достапни линкови

Лопатите заиграа и покрај новиот Изборен законик


Премиерот Никола Груевски на поставување камен темелник за изградба на фабрика за печурки во Свети Николе.
Премиерот Никола Груевски на поставување камен темелник за изградба на фабрика за печурки во Свети Николе.

Опозицијата реагира во врска со огласите за јавни набавки и вработувањата во администрацијата во предизборниот период.

Македонија со распишувањето на изборите влезе во изборна атмосфера што ќе трае најмалку до крајот на април кога ќе се одржи вториот круг за претседателски избори, а можеби и подоцна, доколку во април има и предвремени парламентарни избори. На некои од активностите веќе реагираше опозицијата, која ѝ порача на владата дека не го почитува изборниот закон кој со консензус беше донесен пред само десетина дена. Тие реагираа во врска со огласите за јавни набавки и вработувањата во администрацијата.
Изборниот законик е донесен со консензус, меѓутоа сè уште никој не излезе со гаранции дека тој ќе биде и спроведен.
Џабир Дерала, Цивил.

ДИК не ги прифати нивните критики велејќи дека досега немаат сознанија за прекршувања и најавија дека ако постојат такви состојби, тогаш за прекршителите ќе има санкции. И дел од невладините организации најавија дека се вклучени во следењето на активностите, а од Цивил веќе истакнаа дека е потребно да се направат допрецизирања на измените во Изборниот законик со констатација дека веќе има прекршувања.
Гледаме дека објавија места за нови вработувања, дека ќе се вработуваат 1000 или повеќе лица во државната администрација. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупција во континуитет да ги следи сите можни прекршувања на законот.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.

„Изборниот законик е донесен со консензус, меѓутоа сè уште никој не излезе со гаранции дека тој ќе биде и спроведен, а како се излегува со гаранции, не само со зборови и со ветувања, туку се разбира и со низа мерки, подзаконски рамки, регулативи, дека тие изборни законски решенија ќе бидат навистина доследно спроведени. Гледаме дека популарно нареченото лопатарење не престана во ниту еден момент“, вели Џабир Дерала од Цивил.

И Државната комисија за спречување на корупција, по распишувањето на претседателските избори на 13 април соопшти дека утврдила оперативен план за дејствување во изборниот период што трае од денот на донесувањето на одлуката за распишување на изборите па до изборот на претседател. На нивното соопштение реагираше Транспарентност Македонија од каде порачаа дека е важно оваа Комисија да има поголема улога и, како што вели Ана Јаневска Делева, наместо да се сведува на соопштенија, да го превенира и казнува незаконското инволвирање на државните ресурси во изборната кампања.

„Гледаме дека објавија места за нови вработувања, дека ќе се вработуваат 1000 или повеќе лица во државната администрација. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупција во континуитет да ги следи сите можни прекршувања на законот за спречувања на корупција и тоа од моментот на распишување на изборите“, вели таа.

Опозицијата деновиве изнесе податоци, според кои, како што наведе, Владата во предизборен период ја задолжувала државата со странски и домашни заеми за предизборни цели. Тоа, како што рекоа, се случило во предизборниот период во 2011 година и во 2013 година. Од СДСМ укажаа дека нема потреба Владата да се задолжува пред избори, ако нема потреба да ги купува тие избори.

За прекршување на Изборниот законик се предвидени и затворски казни. Измените во Изборниот законик предвидуваат да нема сечење ленти и започнување градби со буџетски пари во изборниот период. Исто така забранети се и вонредни зголемувања на субвенции, плати, пензии, социјални надоместоци.

Изборната кампања за претседателските избори почнува на 24 март и ќе трае до 11 април.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG