Достапни линкови

Преку социјалните мрежи до младите и неопределени гласачи


Илустрација.
Илустрација.

Со оглед на тоа што социјалните мрежи за политичка промоција веќе се користат во развиените демократии во светот, домашната јавност очекува таков тренд и кај нас.

Во обид да се освојат што повеќе гласови, станува вообичаена појавата партиите и потенцијалните кандидати да ги користат социјалните мрежи за своја сопствена промоција и евтино презентирање на своите ставови и идеи. Со оглед на тоа што овој тренд е присутен во развиените демократии во светот, домашната јавност очекува таков тренд и кај нас, во пресрет на претседателските и евентуално предвремените парламентарни избори. Користењето на социјалните мрежи во изборните кампањи е особено поволно за независните кандидати кои не располагаат со значителна финансиска поддршка за кампањата, велат експертите.
Во секој случај не може да се потцени таа категорија, бидејќи во таа категорија, особено спаѓаат неопределени гласачи, граѓани кои прв пат гласаат и за таа категорија дури можеби најдобриот начин за пристап не е преку платени реклами на мас медиумите, туку токму користењето на социјалните мрежи.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Тоа може да биде и бесплатен публицитет преку линкување на сториите кои потекнуваат од претседателските кандидати, а и за платен публицитет, бидејќи социјалните мрежи овозможуваат за релативно евтини пари да можат претседателските кандидати да се рекламираат“, вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

И комуникологот Александар Цветковски очекува зголемено користење на електронска презентација на кандидатите преку бројните социјални мрежи. Повеќето кандидати кои немаат средства да ја платат својата кампања немаат друг избор, освен да се промовираат на социјалните мрежи, вели Цветковски.
Фејсбукот во најголем дел од случаите го користат за забава, а не за политика или пребарување и мислам дека ефектот ќе биде доста минимален.
Александар Цветковски, комуниколог.

„И Фејсбукот и тие начини на промоција можат многу повеќе да им помогнат кај тие целни групи кои можат да се именуваат и ако тие најдат пари преку користење на овие мрежи, тоа би било како една отскочна штица за да почнат да добиваат пари и да си најдат место во класичните медиуми“, вели тој.

За тоа каков е ефектот од ваквото промовирање, Савески вели дека е особено важно што таргет групата е младата популација која располага со значителен гласачки потенцијал, па оттаму не треба да го занемариме ефектот што ќе го постигнат кандидатите кои ги користат социјалните мрежи за сопствена промоција.

„Во секој случај не може да се потцени таа категорија, бидејќи во таа категорија, особено спаѓаат неопределени гласачи, граѓани кои прв пат гласаат и за таа категорија дури можеби најдобриот начин за пристап не е преку платени реклами на мас медиумите, туку токму користењето на социјалните мрежи“, вели Савески.

Цветковски, пак, не е убеден дека социјалните мрежи ќе одиграат големо влијание врз гласачите и ќе го зголемат рејтингот на потенцијалните мрежи.

„Гласачите во Македонија се во најголем дел конзервативни гласачи и Фејсбукот во најголем дел од случаите го користат за забава, а не за политика или пребарување и мислам дека ефектот ќе биде доста минимален“, вели Цветковски.

Покрај класичните реклами во пишаните и електронските медиуми, флаерите и постерите низ градовите, забележана беше и употребата на социјалните мрежи на последните локални и парламентарни избори во земјава. Иако нивното влијание од ден на ден расте и кампањите на овие мрежи се ценат како успешни, крајниот ефект на терен не го даде посакуваниот ефект, заклучуваат нашите соговорници.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG