Достапни линкови

Четкар во освојувачки поход на Јапонија


Со штотуку објавеното ексклузивно издание на албумот „Heavenly“ за јапонскиот дискографски пазар, Владимир Василевски Четкар го направи најголемиот чекор во својата досегашна музичка кариера. Со видео клип како негова визуелна промотивна поддршка и ремикси на насловната тема од продуцентот Димитри од Париз, тој сега е во позиција поцврсто да зачекори на актуелната светска музичка сцена.

На македонскиот музичар Владимир Василевски Четкар деновиве му е топло околу срцето во поларниот Њујорк. Неговиот нов студиски албум „Heavenly“ неодамна беше објавен на пребирливиот јапонски пазар, а тој на крилјата од ваквиот успех, сега во Големото јаболко, патем каде што повеќе години живее и твори, ги токми плановите за натамошните промотивни активности на изданието што го трпеливо го подготвуваше во последниве две години.
Јапонија е еден од најсериозните музички пазари во светот. Јапонците обожаваат ваква музика.
Владимир Василевски Четкар, музичар.

Говорејќи за новонастанатата ситуација, Четкар знае да каже дека имал намера дистрибуцијата на објавата да ја започне од Европа, од Италија, и дури потем нештата да се придвижуваат кон останатиот дел од светот. Вели дека неговото појавување во Јапонија било нешто на што ниту во еден миг не помислувал. Материјалите таму ги однел неговиот пријател и продуцент Димитри од Париз (човекот кој ги направи и двата ремикси на насловната композиција од албумот) со цел да им бидат претставени на јапонските диџеи, но експресно изреагирале одговорните од дискографската куќа BBQ и албумот како ексклузивно издание набрзо осамнал на видни места во специјализираните стоковни куќи за носачи на звук и слика во Токио, Кјото, Кобе, Осака и во другите мегалополиси во земјата на Изгрејсонцето.
Овие денови овде во Њујорк се договараме со Димитри за натамошните чекори и за некои други проекти што ќе следат и нормално ги следиме реакциите. Интересот е голем.
Владимир Василевски Четкар, музичар.

„Јапонија е еден од најсериозните музички пазари во светот. Јапонците обожаваат ваква музика. Тие ги купија правата за објавување скоро на сите стари класични мотаун изданија, така што на некој начин тоа е вистинското место за тој џез, фанк, соул кој што јас го работам“, вели Четкар.

Василевски дополнува дека сега зад него во Јапонија стои дискографската куќа која ги издава и ејсид-џез легендите како БРЕНД ЊУ ХЕВИС, ИНКОГНИТО и дека планот е откако ќе се изврти изданието во наредниве неколку месеци да биде одржан и промотивен концерт во токискиот клуб „Блу ноут“ во кој чести гости се ѕвезди како Најл Роџерс и повратниците ШИК.

Инаку, наспроти досегашната практика со претходните негови објави, Четкар сега има намера да оди чекор по чекор со дистрибуцијата длабоко свесен дека треба да се искористи моментот, но не да оди стрмоглаво и по секоја цена напред.

„Овие денови овде во Њујорк се договараме со Димитри за натамошните чекори и за некои други проекти што ќе следат и нормално ги следиме реакциите. Интересот е голем. Албумот и видео спотот не само што се вртат на националните станици во Јапонија, туку се слушаше спонтано и во Атланта и на Нешн паблик радио во Америка, така што би рекол дека овој момент е мошне битен за секој музичар каков што сум и јас за да најде добар пазар како катализатор за другите кои условно би го вклучиле алармот и би ја следеле неговата музика“, вели Четкар.

Ова подразбира дека македонскиот музичар со внимание и пристапува на стратегијата за пласман на изданието и на американскиот пазар за каде подготвува серија на концертни настапи чија цел би била да ги претстават новите авторски композиции.

„Ќе има доста настапи во Вашингтон, во Њујорк, Бостон, Лос Анџелес, Чикаго и во другите американски градови, додека во Европа се надевам дека ќе направиме поголема турнеја како промоција за новиот албум во рамките на која би свиреле во Лондон, низ Италија и на Балканот. Сепак се надевам на една таква поголема промоција на „Heavenly“ која дефинитивно ќе зависи од дистрибуцијата, но би сакал сето тоа да се одвива синхронизирано бидејќи секој музичар сака од време на време да свири овде или онде, но убаво е кога за тоа има здрава причина и еден ваков повод“, вели музичарот.

Кон ова само уште информацијата дека на актуелната ексклузивна објава на Четкар за јапонскиот пазар, покрај оригиналниот нов материјал, се поместени и неколку композиции од одличниот „We Will Never End“ од 2008 година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG