Достапни линкови

И покрај проблемите, нема граѓански активизам во Тетово


Иако тетовци се соочуваат со суштествени проблеми изминативе години, речиси не постои реакција или активизам на луѓето во насока на надминување на тие негативни појави.

Загаден воздух од штетни честички прав, складирање смет среде град, недостиг на вода. Иако со вакви суштествени проблеми изминативе години се соочуваат сите граѓани на Тетово, речиси не постои реакција или активизам на луѓето во насока на надминување на тие негативни појави.
Поголем дел општо од граѓаните на Тетово не се многу заинтересирани за проблемите со кои тие самите се соочуват.
Бобан Костадиновски, Младински образовен форум.

Невладината организација Младински образовен форум во Тетово е една од неколкуте здруженија од каде преку разни акции и проекти се обидуваат да ја подигнат свеста кај граѓаните и иниституциите со цел проактивно да се учествува во надминување на проблемите поврзани пред сè со животната средина.

Бобан Костадиновски.
Бобан Костадиновски.
Според Бобан Костадиновски од Младински образовен форум, искуството покажува дека во Тетово не постои желба на граѓаните за активна реакција кон актуелните потешкотии со кои се соочуваат во секојдневието.
Во континуитет, месец-два-три, депонијата гореше, а од тетовчани никој ништо не направи. Никој не излезе на улица ни да се побуни, ни да побара одговорност од некого.
Илчо Цветановски, Институтот за развој на заедниците.

„На голем број акции и настани кои ги спроведуваме, нашите членови, средношколци и студенти кои се членови на нашите клубови, се доста активни и ги посетуваат тие настани, меѓутоа поголем дел општо од граѓаните на Тетово не се многу заинтересирани за проблемите со кои тие самите се соочуват. И покрај јавните повици, он-лајн кампањи, директни контакти, сè ние што правиме на терен, мал дел од нив доаѓаат, иако сите заеднички ги делиме нашите проблеми“, вели Костадиновски.

Илчо Цветановски, магистер по демократија и човекови права од Институтот за развој на заедниците, инаку поранешен новинар, оценува дека граѓаните во Тетово, иако живеат во нарушена животна средина, пасивно се однесуваат, пред сè поради менталитетот. Специфичниот начин на размислување е причина да се носат одлуки дека не треба да реагираат или да бидат активни по некое прашање што ги засега.

„Како пример за пасивноста на тетовчани и на Тетово може да послужи примерот со депонијата која што беше 400-500 метри воздушна линија од центарот на Тетово. Таа депонија труеше и го загадуваше Тетово 4-5 години. Во континуитет, месец-два-три, депонијата гореше, а од тетовчани никој ништо не направи. Никој не излезе на улица ни да се побуни, ни да побара одговорност од некого. Требаше да пројдат 4 години за да неколку млади дечки, ентузијасти, да покренат иницијатива, па да се организира група од стотина граѓани и тие беа млади деца. И да биде случајот поинтересен, имаше 10-тина активисти од Скопје дојдоа, значи да протестираат тетовчани да имаат чист воздух“, вели Цветановски.

Во текот на летните месеци во 2012 година гореше складираниот смет на комуналното претпријатие, а сега тетовци долго време се соочуваат со високо присуство на штетни честички прав во амбиенталниот воздух. Недостигот на вода за пиење е повеќедецениска проблематика.
XS
SM
MD
LG