Достапни линкови

Со реклами за „пријателски медиуми“ до медиумски мрак


Кога медиумите информираат еднострано и пропагандистички, најчесто во интерес на власта, граѓаните се тие кои што ги трпат последиците добивајќи искривена перцепција за настаните, посочуават експертите.

Цинично е оваа власт да ме обвинува мене за рекламирање. Првиот пат кога го слушнав тоа мислев дека се работи за некоја шега, вели градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде објавено в недела. На прашањето дали се неопходни реклами во „пријателски медиуми“ и отчет за секои 100 метри асфалтирана улица, мерки за кои често велеше дека се популизам кој го практикува Владата, Жерновски вели дека е должен да ги информира граѓаните како се трошат нивните пари, но има проблем да ја испрати таа порака до граѓаните затоа што нема медиуми каде што може да ги претстави своите проекти.
Неодамна отваравме нова спортска сала во основното училиште „Гоце Делчев“, и не само што ме немаше мене во прилозите, туку и комплетно беа избришани деловите каде што се спомнуваше Општина Центар.
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

„Напротив, ќе ви кажам неколку примери, неодамна отваравме нова спортска сала во основното училиште „Гоце Делчев“, и не само што ме немаше мене во прилозите, туку и комплетно беа избришани деловите каде што се спомнуваше Општина Центар. Имаше еден медиум каде што имаше прилог за тоа училиште, меѓутоа не знаете ни каде се наоѓа тоа училиште, ниту во која општина, ниту, пак, кој е градоначалник на таа општина“, вели Жерновски.

Тој додава дека поради медиумската состојба во земјава, граѓаните не можат да добијат реална слика што се случува во општината, тие не знаат ни колку, ни што работи општината.
Државата со бројните реклами би рекол повеќе го нарушува, отколку што го обезбедува пазарот.
Климе Бабунски, комуниколог.

Во мејнстрим медиумите нема место за опозицијата, а медиумското замрачување си носи со себе и големи последици, велат експертите. Тие објаснуваат дека во ситуација кога медиумите информираат еднострано и пропагандистички, најчесто во интерес на власта, граѓаните се тие кои што ги трпат последиците добивајќи искривена перцепција за настаните.

Комуникологот Климе Бабунски вели дека очигледно е дека голем дел од медиумите во земјава не ја претставуваат реално состојбата и граѓаните имаат неточни и погрешни показатели за околината во која живеат.

„Следствено, тоа не може да обезбеди ниту активно граѓанство, ниту активизам во правилна насока, последицата е изманипулирана публика, изманипулирана маса, која не може да ги препознава дури ниту сопствените интереси“, вели Бабунски.

Ако се разгледува пазарната перспектива, медиумскиот пазар во земјава е мал, а бројот на медиуми е голем, па со тоа се отежнува можноста за самоиздржливост.

„Од друга страна, пак, државата со бројните реклами би рекол повеќе го нарушува, отколку што го обезбедува пазарот, секако несоодветните нормативни законски решенија, а уште повеќе лошото нивно спроведување или неспроведување се следниот елемент или причина за ваквата состојба и во такви услови кога е многу стеснет просторот за професионални стандарди се сведува на преживување, а принципите тогаш најлесно се забораваат“, вели Бабунски.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG