Достапни линкови

Институциите не знаат како се финансираат партиите


Само една третина од регистрираните политички партии поднеле годишни финансиски извештаи до надлежните институции.

Само една третина од регистрираните политички партии поднеле годишни финансиски извештаи до надлежните институции, покажува истражувањето на Транспарентност Македонија. Непочитувањето на законот за поднесување на извештаи за финансирање, неподготвеност и недоволен капацитет на надлежните институции за контрола на изборното финансирање како и недостатоците во законската рамка за партиското финансирање и донации се главните проблеми кои што го нотирала оваа невладина организација.
Контролниот механизам е во најмала рака поразителен, никакви законски мерки не се преземени против оние прекршители на правилата за изборно финансирање.
Александра Марковска, една од авторките на истражувањето на Транспарентност Македонија.

Една од авторките на истражувањето, Александра Марковска, вели дека надлежните институциите или не даваат целосни информации или, пак, сè уште немаат информации како се финансираат политичките партии во државата. Марковска објаснува дека парите во партиите доаѓаат најчесто од физички лица.
Илустрација.
Илустрација.

„Имаше огромен број на донации од физички лица со една апсолутна бројка од законскиот максимум што се дозволува и имаше донации во значителен број, можеби поголем број од физички лица отколку од правни лица“, вели Марковска.
Редовно комунициравме со надлежните институции и се обидувавме да им укажеме на слабостите во нивната работа и да понудиме конкретни предлози за нивно надминување, за жал сето тоа беше безуспешно.
Ана Јаневска-Делева, Транспарентност Македонија.

РСЕ? Како може да се толкува таа појава?

„Токму тоа е прашањето, не само во однос на фиксната цифра, туку во однос од каде е потеклото, од каде е изворот на тие финансии и дали се следи каналот како пристигнуваат тие финансиски средства од страна на физичките лица кон политичките партии, дали навистина тие финансии доаѓаат лично од тие лица кои наводно или можеби сигурно донираат“, вели Марковска.

Една од препораките на „Транспарентност Македонија“ е кога граѓаните донираат пари за политичките партии за време на избори, да се контролира дали тие пари потекнуваат од нивната сметка за да се спречат злоупотреби и за да се види дали навистина тие пари доаѓаат од тие физички лица. Марковска објаснува еден од најголемите проблеми е нефункционирањето на контролниот механизам за финансирањето на партиите.

„Контролниот механизам е во најмала рака поразителен, никакви законски мерки не се преземени против оние прекршители на правилата за изборно финансирање“, вели Марковска.

Кога станува збор за прибирање на информации за тоа како се слеваат парите на партиските сметки, партиите се законски заштитени, односно не се должни да одговорат на барање за пристап до информации од јавен карактер, затоа што се изземени од листата на иматели на информацијата- финансирање на политички партии.

Директорката на Транспарентност Македонија, Ана Јаневска-Делева, истакна дека и покрај многубројните измени во законската рамка, редовно биле прескокнувани препораките кои организацијата ги испраќала до институциите.

„Редовно комунициравме со надлежните институции и се обидувавме да им укажеме на слабостите во нивната работа и да понудиме конкретни предлози за нивно надминување, за жал сето тоа беше безуспешно“, рече Ана Јаневска-Делева.

Незаинтересираноста на клучните политички фактори да ги слушнат препораките на НВО секторот и да се вклучат во дебатата која е веќе речиси непостоечка, покажува дека се потребни поинтензивни и конструктивни притисоци врз политичките чинители за да се обезбеди јавност и транспарентност во процесот на политичко финансирање, затоа што е невозможно градење на праведно и демократски развиено општество доколку не се почитуваат основните премиси и отчетност и јавноста е наведено во извештајот.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG