Достапни линкови

Средбите во Њујорк за името без содржина


Илустрација.
Илустрација.

Домашните аналитичари не се оптимисти дека средбата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски со неговиот грчки колега Евангелос Венизелос ќе донесе поместувања во однос на позициите за спорот за името.

Домашните аналитичари не се оптимисти дека средбата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски со неговиот грчки колега Евангелос Венизелос ќе донесе поместувања во однос на позициите за спорот за името.
Теоретски шанси нема на каква било средба во Њујорк, било премиерите да се во прашање, било министрите, било претседателите на двете земји да направат каков било напредок, некаков исчекор во случајот, што би водел кон излезно решение.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски е убеден дека таквите средби за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк се повеќе формални отколку содржински.
Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.
Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

„Теоретски шанси нема на каква било средба во Њујорк, било премиерите да се во прашање, било министрите, било претседателите на двете земји да направат каков било напредок, некаков исчекор во случајот, што би водел кон излезно решение“, изјави Никовски.
Не знам дали би можела оваа влада да го понесе овој тежок товар врз себе. Треба да го растовари со другите и тоа не знам како ќе се направи, но и овде може да има политички превирања.
Арсим Синани, универзитетски професор.

Иако не очекува значителни поместувања од средбите помеѓу грчките, македонските и меѓународните претставници, универзитетскиот професор Арсим Синани вели дека секоја шанса за разговор е добра за помрднување на ова прашање од мртва точка.

„Мислам дека ова е добар момент, на тие средби кај Обама да ги стават секирите под маса и да се почне дијалогот кој го очекуваат граѓаните на Република Македонија“, вели Синани.

Никовски смета дека медијацијата на посредникот Метју Нимиц покажала дека решение во овој момент не е возможно, па затоа според него потребно е преговорите да добијат нов тек.

„Треба да се бара да ни се врати уставното историско име во ОН и да се исфрли референцата, бидејќи сите аргументи кои ги даде Грција на времето, пред 20-тина години, се покажаа како неточни. Главна де факто аргументација врз која сè уште се суспендира нашето име и ни се наметна референцата беа безбедносните закани, дека всушност се работи за иредентизам скриен во името. Ако 20 години немаше никаков безбедносен инцидент меѓу двете земји, што значи тоа“, вели Никовски.

Според други експерти, пак, ваквата варијанта е нереална оти за да се стави на дневен ред еден ваков предлог потребна е согласност од сите пет постојани членки на Советот за безбедност. Синани, пак, се сомнева дека македонската Влада нема капацитет да го реши овој долгогодишен спор.

„Не знам дали би можела оваа влада да го понесе овој тежок товар врз себе. Треба да го растовари со другите и тоа не знам како ќе се направи, но и овде може да има политички превирања“, вели Синани.

Средбата со шефот на грчката дипломатија Венизелос, пак, ќе биде втора за двајцата министри, откако пред неколку месеци се сретнаа во Брисел. Грчката страна пред генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, во понеделникот преку Венизелос ги потврди грчките позиции, односно дека за Атина решението е сложено име со географска одредница кое ќе биде за севкупна употреба.

Попоски одговори дека рамките во кои се решава спорот пред ОН, како и пресудата од Меѓународниот суд на правдата јасно укажуваат на тоа што може, а што не може да се наметне од една страна при решавањето на овој проблем.

Доцна синоќа ,Попоски остварил средба и со еврокомесарот Штефан Филе со кого разговарал за динамиката на македонските евроинтеграции како и за редовниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG