Достапни линкови

Ќе успее ли рускиот план за Сирија?


Американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров
Американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров

Американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров од денеска во Женева на разговори за рускиот план за елиминирање на сириското хемиско оружје. Разговорите во кои ќе бидат вклучени и експертски тимови, се очекува да траат два дена. Дали рускиот план може да се спроведе?

Официјална Москва соопшти дека планот со кој се предвидува сириското хемиско оружје да биде ставено под меѓународна контрола, а потоа и уништено, им бил предаден на Американците. Сирија го прифати, што според оценките, де факто е признавање на Дамаск дека поседува такво оружје.

Претходно, Сирија само навестуваше, но никогаш директно не призна дека има хемиско оружје. Тоа може да биде прв знак на искреност меѓу светските сили и Сирија околу проблемот.

Но, ставањето на тоа оружје под контрола на Обединетите нации е многу посложен процес. Никој со сигурност не знае за колкаво количество станува збор и каде е складирано. Некои проценки велат дека Дамаск имал стотици тони хемиски отрови.

Кој ќе ги чува нив. Инспекторите не се вооружени. Тие не можат со пушки да стражарат пред оружјето.
Ричард Гатри, британски експерт за хемиско оружје.
Од друга страна, самото усвојување неопходна резолуција во Советот за безбедност нема да оди лесно со оглед на инсистирањето на Вашингтон на кратките временски рокови за испраќање инспектори.

„Да се постигне сите да ги прифатат условите ќе биде многу тешко со оглед на рускиот став и покрај фактот дека станува збор за иницијатива на Москва“, вели Дина Есфандијари, регионален аналитичар во Меѓународниот институт за стратегиски студии во Лондон.

Самото обезбедување на хемиските отрови ќе бара разместување на инспектори во земја која се наоѓа во граѓанска војна, што претставува своевиден безбедносен ризик.

„Кој ќе ги чува нив. Инспекторите не се вооружени. Тие не можат со пушки да стражарат пред оружјето“, вели Ричард Гатри, британски експерт за хемсико оружје, наведувајќи дека инспекторите би требало да бидат придружувани од мировни сили на Обединетите нации.

Ал Каеда соопшти дека стекнувањето оружје за масовно уништување не е само неопходност, туку и од верско суштинско значење во поглед на џихадот. Значи постои страхување дека некои групи би сакале да поседуваат хемиско оружје.
Пол Шулте, експерт за разоружување од Лондон.
Во рускиот предлог за договор со Дамаск воопшто не се спомнува сириското бунтовничко движење во кое има многу различни групи, меѓу нив и Фронтот Ал Нусра кој е поврзан со Ал Каеда.

„Ал Каеда соопшти дека стекнувањето оружје за масовно уништување не е само неопходност, туку и од верско суштинско значење во поглед на џихадот. Значи постои стравување дека некои групи би сакале да поседуваат хемиско оружје“, оценува Пол Шулте, експерт за разоружување од Лондон.

Сепак, едно од главните прашања е: дали спроведувањето на рускиот договор ќе значи дека граѓанската војна во Сирија ќе продолжи само без хемиско оружје?

За жал да, велат аналитичарите, додавајќи дека и рускиот план, но и евентуалните американски воени удари имаат за цел да спречат да не дојде до повторна употреба на хемиското оружје. Тие не се напори за ставање крај на сирискиот конфликт.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG