Достапни линкови

Ристо Соколов со ретроспективна изложба во Кавадарци


Македонскиот уметник Ристо Соколов – Сокол.
Македонскиот уметник Ристо Соколов – Сокол.

Педесеттина дела настанати во последниве пет години, работени во различни техники и материјали, ќе се најдат на големата ретроспективна изложба на македонскиот уметник Ристо Соколов – Сокол, која ќе биде отворена на 6 септември во изложбените салони на „Музеј – Галерија“ во Кавадарци. Речиси една третина од нив по прв пат ќе и бидат презентирани на ликовната јавност, а поставката потем ќе го продолжи своето патешествие по Македонија.

По тригодишна пауза од своето последно претставување, еден од најпознатите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов – Сокол, ќе има нова самостојна постановка. Овој петок, во изложбените салони на „Музеј – Галерија“ во родниот град, тој ретроспективно ќе понуди 50-тина дела настанати во последниве пет години. Меѓу нив ќе се најдат и слики од циклусите „Траги“ и „Некогаш и денес“ работени со природни материјали, каде авторот се јавува како иноватор во техничка и материјална смисла, создавајќи ликовна уметност на начин како што тоа го правеле старите мајстори притоа надградувајќи ја со сопствен оригинален и имагинативен набој.
Јас 10 години истражувам со природните материјали, со кал, песок, трска, вар...Се враќам на времето кога нашите предци не правеле само уметност со тоа што граделе куќи, туку и живееле во нив. Тргнувам од премисата дека водата, дождот таквите куќи, таквите градби, ги уништува и тие повторно и се враќаат на земјата. Затоа сакам повторно да ги извадам од таму и да направам уметничко дело кое може да остане засекогаш.
Ристо Соколов – Сокол, уметник.

„Јас 10 години истражувам со природните материјали, со кал, песок, трска, вар...Се враќам на времето кога нашите предци не правеле само уметност со тоа што граделе куќи, туку и живееле во нив. Тргнувам од премисата дека водата, дождот таквите куќи, таквите градби, ги уништува и тие повторно и се враќаат на земјата. Затоа сакам повторно да ги извадам од таму и да направам уметничко дело кое може да остане засекогаш. Работам и со акрилна боја и масло. Тоа се веќе платна кои се понежни. Се обидувам да си поигрувам со материјалите и со техниките. Да претставам како се работело некогаш со стари материјали и сето тоа да го комбинирам со начинот на кој што се работи денеска“, вели Соколов.

Една третина од овие дела по прв пат ќе и бидат претставени на ликовната јавност, а уметникот дополнува дека со нив тој се фокусира на позитивната енергија во живата материја.

„Сите ние сме дел од природата. И луѓето и животните и рибите...и се*. Сакам тоа да го пренесам на еден навистина емотивен начин затоа што нераскинливо сум врзан со сите тие флуиди од природата. “
Јас сум слободен ликовен уметник и цел живот ќе бидам тоа затоа што така сум се определил. Така рекол Господ. Не се жалам дека не можам да живеам од уметноста, дека уметниците немаат работа и така со ред. Не дека нема работа, има работа, само мене моментално ми пречи начинот на комуникација. Јас иако е сиво гледам – розово. Не може никој да го победи мојот идеал за уметноста. Уметноста за мене е света. И малку да имам јас со неа имам многу. Затоа ништо не мешам со неа, туку само боите во неа и јас буквално живеам за уметноста.
Ристо Соколов – Сокол, уметник.

Роден 1957 година во с. Дреново, Ристо Соколов – Сокол дипломирал на Факултет за ликовни уметности Скопје на отсекот за графика кај професорот Димитар Малиданов ( бил одбран за студент на генерацијата), а графички дизајн кај Костадин Танчев Динка.
Тој зад себе има петнаесеттина самостојни изложби во земјава и во странство, но како што знае да каже, „нему трчањето по бројки не му е значи ништо, туку дека му се радува на секое ново настанато дело бидејќи тоа е производ на кој тој му дал дел од сопствената душа“.
Соколов е познат и како врвен изведувач на ликовни перформанси и ентериерен дизајн.

„Од сите работи што ги имам направено во минатото јас одбрав да работам уметничко дело. Инсталацијата и тие објекти што ги правам никогаш нема да ги заборавам затоа што во секој од нив јас внесувам уметност. Самата инсталација е начин на внесување на уметност. Значи, она ме провоцира да створам дело. Инсталацијата е провокација и за гледачот и за мене.“

Од друга страна, уметникот важи за иницијатор на најпознатите ликовни колонии во Тиквешијата во годините наназад, а моментално е координатор на Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“ која што во првата половина на август по шести пат успешно се одржа во Кавадарци.

„На колониите сакам уметниците да се чувствуваат природно, дека дошле таму да се запознаат со колегите, да комуницираат со нив и да се создаде една позитивна енергија во рамките на која тие ќе ги имаат сите предуслови да создаваат дела. На оваа последна колонија навистина го почувствував тоа. Сите беа компактни, многу разговори се случија, многу слики се направија.“

Создадените дела по првичното претставување се прибрани во депото на хотелот и ќе се чуваат до завршувањето на првата декада од завршувањето на ова меѓународно случување, по што ќе бидат поставени на ѕидовите од објектот кој на тој начин ќе стане и своевиден галериски простор.
Инаку Ристо Соколов – Сокол е член на ДЛУМ и еден од основачите и актуелен претседател на Друштвото на ликовни уметници во Кавадарци, а живее и работи како самостоен ликовен уметник.

„Јас сум слободен ликовен уметник и цел живот ќе бидам тоа затоа што така сум се определил. Така рекол Господ. Не се жалам дека не можам да живеам од уметноста, дека уметниците немаат работа и така со ред. Не дека нема работа, има работа, само мене моментално ми пречи начинот на комуникација. Јас иако е сиво гледам – розово. Не може никој да го победи мојот идеал за уметноста. Уметноста за мене е света. И малку да имам јас со неа имам многу. Затоа ништо не мешам со неа, туку само боите во неа и јас буквално живеам за уметноста.“

Кон ова само информацијата дека оваа ретроспективна изложба на Соколов по првичното претставување ќе патува во Велес ( во октомври), потем и во останатите градови во Македонија, за да кругот (некаде догодина) биде затворен со постановката во Скопје. На неа ќе бидат вклучени и нови дела и видео материјали за пошироката публика што подобро да се запознае со неговата уметност.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG