Достапни линкови

„Денот кога се роди добриот човек“ во Кавадарци


„Денот кога се роди добриот човек“ е насловен меморијалниот мултимедијален настан што во организација на Здружението за алтернативна култура „Алтер центар“, ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, во Кавадарци. На ова второ случување посветено на сценографот и скулптор Дејан Костов, ќе настапат бројни негови пријатели и уметници кои на овој начин гласно ја кажуваат својата заложба за поинакво урбано живеење во внатрешноста на Македонија.

По само едно издание „Денот кога се роди добриот човек“, од меморијален рок концерт, израснува во мултимедијален настан кој не само што посветен на една од урбаните кавадаречки легенди, сценографот и скулптор Дејан Костов Лиска, туку оди подлабоко и на виделина ја изнесува незгасливата потреба на ентузијастите од една микро средина за многу поплодотворно урбано живеење.
Ние ќе се погрижиме токму поради него и поради луѓето слични на Дејан Лиса и натаму да продолжи да живее оној проток на автентична кавадаречка урбана култура. Ова е еден поттик за младите од сите бранши, од ликовна до музичка, да не застануваат и да не се откажуваат. Едноставно, ова се ретки настани кој во еден мал град како Кавадарци дозволуваат малку да се оддалечиме од официјалната форма на култура и да покажеме дека се може и дека се знае.
Марјан Тодоровски, поет и блогер.

Надвор од институциите и со цел да анимира што поголем број на приврзаници на кои поодамна им додеало да стојат со скрстени раце и да кукаат над сопственото еднолично катадневие. Од таму, сосема разбирливо е што, новоформираното Здружение за алтернативна култура „Алтер центар“, во случајов, заговара случување кое плени и со посветата на дел од поубавата страна на кавадаречката приказна, но и со идејата да се разбудат и мотивираат оние кои вообичаено и без причина не излегуваат од сенката во која се турнати.

„Ние ќе се погрижиме токму поради него и поради луѓето слични на Дејан Лиса и натаму да продолжи да живее оној проток на автентична кавадаречка урбана култура. Ова е еден поттик за младите од сите бранши, од ликовна до музичка, да не застануваат и да не се откажуваат. Едноставно, ова се ретки настани кој во еден мал град како Кавадарци дозволуваат малку да се оддалечиме од официјалната форма на култура и да покажеме дека се може и дека се знае“, вели поетот и блогер Марјан Тодоровски.
Ако некој пред два месеца ми кажуваше дека DONT!WHO?ONE повторно би се вратиле на сцена немаше да му поверувам. Но, се случи невозможното. Конечно, по 15 години, бендот се враќа, а ова е негова трета инкарнација. Сега е и малку ребрендиран, тоа име и го препуштаме на историјата, а останува кратенката ДВО. Јас сум убеден дека тоа ќе биде вечер за паметење.
Рубин Кантарџиоски, музичар.

Тој дополнува дека во литературниот дел ќе настапи и неговата пријателка и колешка Цветанка Колева, а свој драмски перформанс во рамките на целиот концепт ќе има и актерот Александар Малинков.

Од друга страна, со голема љубопитност се очекува и музичкиот дел од манифестацијата „Денот кога се роди добриот човек“, бидејќи за овде се предвидени повратничкиот концерт на една од најзвозбудливите македонски рок групи од средината на 1990-тите – DONT!WHO?ONE, а покрај нив публиката ќе ги види и слушне AIRLESS PROJECT и локалните херои SMOKE SHAKERS, бендот што со оваа свирка ја заокружува клупската турнеја по Македонија и заминува на престижниот „Јелен демо фест“ во Бања Лука, каде ќе настапи во натпреварувачкиот дел како единствен претставник од Република Македонија.

„Ако некој пред два месеца ми кажуваше дека DONT!WHO?ONE повторно би се вратиле на сцена немаше да му поверувам. Но, се случи невозможното. Конечно, по 15 години, бендот се враќа, а ова е негова трета инкарнација. Сега е и малку ребрендиран, тоа име и го препуштаме на историјата, а останува кратенката ДВО. Јас сум убеден дека тоа ќе биде вечер за паметење и одлично е што конечно и во помалите градови се размрдува таа сцена и се надевам дека во овој период барем 50 отсто од таа атмосфера присутна во деведесеттите години од минатиот век на овој начин би се вратила“, истакнува Рубин Кантарџиоски во пресрет на првиот поголем јавен настап на својот состав.

Инаку, настапите на музичарите, поетите и артистите на оваа меморијална вечер, ќе бидат збогатени со ликовниот перформанс на познатиот македонски сликар Ристо Соколов Сокол, кого со Лиса го врзува долгогодишното пријателство на двајца уметници и самомислечки луѓе.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG