Достапни линкови

Инвестициски бум - многу врева, а малку пари


Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски на почетокот на изградбата на фабрика за автобуси од белгиската компанија „Ван Хол“.
Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски на почетокот на изградбата на фабрика за автобуси од белгиската компанија „Ван Хол“.

Главната цел на целата приказна за странските инвестиции е политички маркетинг, затоа што резултатите се многу помали од вревата што се прави, коментира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Повеќе фалење отколку инвестиции. Главната цел на целата приказна за странските инвестиции е политички маркетинг, затоа што резултатите се многу помали од вревата што се прави, коментира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини по најавата на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески дека владата е во финална фаза, односно пред потпишување договор за инвестирање, со пет странски компании.
Овие изјави на премиерот и на вицепремиерот имаат седумгодишна историја. Со оглед на нивото на општествената и политичка свест на граѓаните на Македонија, кога веруваат во такви седумгодишни ноторни лаги, а реалноста е сосема друга, па штом верувале седум години, ќе веруваат пак.
Џевдет Хајредини, поранешeн министер за финансии.

Оваа најава на Ставрески во интервју за МТВ е надоврзување на илинденскиот говор на премиерот Никола Груевски, кој во Крушево рече дека до крајот на оваа и во наредната година има најави на 15-тина големи компании за влез и инвестиции во Македонија. Груевски рече дека најавените инвестиции се од различни области, „меѓу кои индустријата на автомобилските делови, информатичките технологии, земјоделството, преработката на земјоделските производи и храна, електроника, градежни материјали и други“.
Архивска фотографија: Индискиот бизнисмен Субрата Рој во посета на Македонија на средба со министерот за финансии Зоран Ставрески.
Архивска фотографија: Индискиот бизнисмен Субрата Рој во посета на Македонија на средба со министерот за финансии Зоран Ставрески.

„Новите инвестиции ги решаваат проблемите на луѓето, носат подобра и посигурна иднина“, рече Груевски во Крушево.
Ние веќе се навикнавме инвестициите од 2,3 или 5 милиони евра да ги сметаме за големи, за разлика од Србија, на пример, каде што доаѓаат инвестиции од по 100 милиони евра или долари, од типот на Фиат, Бенетон и слични, што кај нас го нема, така што, ако се тоа големи инвестиции, тогаш ги има во Македонија. Реков, вкупната бројка е некаде 100-120 милиони евра годишно, така што ги има до некое ниво.
Сашо Арсов, универзитетски професор.

Хајредини потсетува дека власта постојано најавува дека инвестицискиот бум само што не почнал, но никако да почне.

„Овие изјави на премиерот и на вицепремиерот имаат седумгодишна историја. Со оглед на нивото на општествената и политичка свест на граѓаните на Македонија, кога веруваат во такви седумгодишни ноторни лаги, а реалноста е сосема друга, па штом верувале седум години, ќе веруваат пак“, вели Хајредини.

Универзитетскиот професор Сашо Арсов вели дека секоја странска инвестиција во Македонија се најавува како голема, но оти треба да се дефинира што значи голема инвестиција.

„Ние веќе се навикнавме инвестициите од 2,3 или 5 милиони евра да ги сметаме за големи, за разлика од Србија, на пример, каде што доаѓаат инвестиции од по 100 милиони евра или долари, од типот на Фиат, Бенетон и слични, што кај нас го нема, така што, ако се тоа големи инвестиции, тогаш ги има во Македонија. Реков, вкупната бројка е некаде 100-120 милиони евра годишно, така што ги има до некое ниво. Но, постојано гледам дека има една мистерија, постојано се најавуваат големи инвестиции, но никогаш не чувме имиња“, вели Арсов.

Сликата со странските директни инвестиции годинава е подобра од минатата. Според податоците на Народна банка на Македонија, во првите пет месеци од годинава во земјава влегле 105,4 милиони евра, скоро исто колку во целата 2012 година. Сепак, останува дилемата дали до крајот на годинава ќе влезат планираните меѓу 400 и 500 милиони евра странски инвестиции. За минатата година, владата планираше над 300 милиони, но годината заврши со околу 105 милиони евра директни странски инвестиции.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG