Достапни линкови

Жителите на Речица бараат безбедност во сообраќајот за нивните деца


Околу 600 жители на кумановското село Речица дестина дена протестираат барајќи зголемување на безбедноста на патот од нивното кон соседните липковски села Ваксинце и Лојане.

Десетина работни денови околу 600 жители на кумановското село Речица со мирен едночасовен протест бараат поголема сообраќајна безбедност на меѓуопштинскиот пат од нивното кон соседните липковски села Ваксинце и Лојане. Шеесетина основци од селото не одат на настава поради последната тешка повреда на десетгодишен ученик од возач од селото Ваксинце, кој избегал по несреќата, а подоцна бил идентификуван и против него се преземаат соодветни законски мерки.
Доколку не се исполнат нашите барања, блокадата на патот ќе ја продолжиме на 12 часови. Напоменуваме дека во спротивно ќе бидеме принудени со земјоделска механизација 24 часа да го блокираме патот кој поминува низ селото Речица.
Катерина Стојковиќ, жителка на Речица.

Револтирани, единствени и организирани мештаните велат дека една деценија се соочуваат со несовесно, провокативно и арогантно однесување на возачите од липковските села. Освен од институциите на системот и надлежните во локалната самоуправа, тие барале помош и од оџата, од кого добиле одговор дека со истите луѓе имаат проблеми и во липковско. Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски вели дека се преземаат законски мерки за подобрување на сообраќајната безбедност на жителите на Речица.

Револтирани што и по десетина тешко повредени и една човечка жртва надлежните се однесуваат индиферентно, жителите раскажуваат:
Ако овој народ не ѝ треба на оваа држава нека кажат, а кога требаат гласови сите доаѓаат тука. Сите сме веќе излезени од кожа. Зошто нашите деца да не одат на школо, ама ние мајките ако бираме дали да бидат неписмени или живи, нека бидат неписмени. И ова општество ќе има негативни последици од тоа.
Станислава Станојковиќ, жителка на Речица.

„Внука ми стои на патот, а тој доаѓа одоздола со автомобил, направи осмица и запре до неа. Го фатил девојчето за рака, тоа почнало да вреска и тој ја пуштил. И оџата е известен. Намерно го прават тоа. Тие имаат голема сила и поддршка. Сакаат Речица да ја уништат“, вели еден од жителите.

Тие бараат од надлежните поставување на шест фиксни лежечки полицајци, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

„Доколку не се исполнат нашите барања, блокадата на патот ќе ја продолжиме на 12 часови. Напоменуваме дека во спротивно ќе бидеме принудени со земјоделска механизација 24 часа да го блокираме патот кој поминува низ селото Речица“, вели Катерина Стојковиќ и додава дека нивните барања писмено ќе бидат доставени до сите надлежни и на локално и на централно ниво, како и дека добиле ветување од просветен инспектор дека нивните деца нема да бидат санкционирани заради непосетување настава.
Тротоари може во наредниот период да бидат поставени само во населеното место, а пешачки премини е нормално. Препреките на патот се за намалување на брзината, а треба да имаме синхроно дејствување со МВР за контрола на брзина на патот.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Станислава Станојковиќ објаснува дека заради сообраќајната небезбедност на жителите, тие се организираат своите барања да ги остварат преку институциите на системот. Според неа, протестите немаат ефект.

„Следниот чекор е да побараме правна заштита, мислам дека ова е правна држава и секој треба да сноси последици за она што ќе го направи, Овде е направен страшен чин, не е прв, а веројатно нема да биде ниту последен. Ние сме препуштени сами на себе, нема да ни помогнат ниту лежечки полицајци, треба прво совеста на човекот да проработи.“

Таа вели дека овојпат мораат да одат до крај, зашто безбедноста на децата им е приоритет.

„И ние сме дел од оваа држава. Ако овој народ не ѝ треба на оваа држава нека кажат, а кога требаат гласови сите доаѓаат тука. Сите сме веќе излезени од кожа. Зошто нашите деца да не одат на школо, ама ние мајките ако бираме дали да бидат неписмени или живи, нека бидат неписмени. И ова општество ќе има негативни последици од тоа.“

Станојковиќ смета дека е неразбирлива инфериорноста на надлежните.

„Ова ја прели чашата. Со години ние буквално трпиме тортура секој ден. Мора да добиеме лежечки полицајци кои колку-толку ќе ја намалат брзината.“

Градоначалникот Дамјановски вели дека единствена законска можност е поставување еластични препреки на патот. Во моментот ќе се постават флексибилни лежечки полицајци од постоечкиот тендер со можност за проширување на набавката, а во тек е постапката за набавка на нови полицајци. За тоа се потребни 30 денови. Инаку, биле поставувани лежечки полицајци кои биле оштетени од товарни возила и нагли запирања на возилата.

„Тротоари може во наредниот период да бидат поставени само во населеното место, а пешачки премини е нормално. Препреките на патот се за намалување на брзината, а треба да имаме синхроно дејствување со МВР за контрола на брзина на патот.“

Дамјановски вели дека во најкус рок ќе бидат поставени лежечки полицајци, а жителите треба да имаат трпение и разбирање.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG