Достапни линкови

Владините реклами - политичка алатка


Маркус Икстад, комерцијален директор на Стримворкс интернејнал и поранешен извршен директор на АП Германија.
Маркус Икстад, комерцијален директор на Стримворкс интернејнал и поранешен извршен директор на АП Германија.

Дел од проблемот во Македонија е начинот на кој владата доминира со расходите за рекламирање преку кампањи за време на избори и општи кампањи. Сметам тоа на некој начин се има претворено во политичка алатка која не му дозволува на пазарот да се развие на начин на кој би се развивал во нормални услови, вели Маркус Икстад, комерцијален директор во Streamworks Interactive и поранешен директор за продажба во Асошиејтид Прес во кусиот разговор за Радио Слободна Европа.

Станува јасно дека медиумскиот простор во Македонија се полни со различни медиуми. Покрај веќе постоечките многубројни традиционални медиуми, сега се отвораат и интернет страници. Дали со сево ова се отежнува потрагата по финансии на медиумите во приватниот сектор?

Сметам дека маркетинг секторот во Македонија сè уште е посебно фокусиран на традиционалните медиуми, посебно телевизиите. Доколку дел од парите кои се трошат на телевизиски реклами се повлечат кон интернет страниците преку популарни содржини и исплатливост за инвеститорот, тогаш таквата промена може да настане и ќе им биде од корист на интернет порталите. Мислам дека сега многу пари за реклами се трошат за традиционалните медиуми.

Дали е можно состојбата на полн медиумски пазар и ограничени буџети на компаниите за рекламирање да ги натера медиумите да посегнуваат повеќе кон владино финансирање?

Дел од проблемот во Македонија е начинот на кој владата доминира со расходите за рекламирање преку кампањи за време на избори и општи кампањи. Сметам тоа на некој начин се има претворено во политичка алатка која не му дозволува на пазарот да се развие на начин на кој би се развивал во нормални услови. Решението за ваквата ситуација е во зајакнувањето на етаблирани медиумски брендови со понуда на содржини, мултимедиумска продукција, и уредништво посветено кон задржување и зголемување на публиката. Самата публика ќе привлече реклами доколку државното вештачко влијание се регулира за со време истото да се истисне.

Согласно Вашите истражувања, дали интернет медиумите во Македонија се одржлив бизнис? Од една страна дел од маркетинг компаниите сметаат дека интернет порталите не нудат профитабилен рекламен простор, а од друга страна се множат интернет страниците...

Постојат многу начини за рекламирање, од банери до спонзорирани рубрики како и видео реклами пред мултимедијалните содржини. Јасно е дека содржината мора да биде примарна. Не сум сигурен дека тоа секогаш било случај во минатото. Сметам дека до ден денес уредништвото нема разбирање како да развие соодветни интернет содржини кои се вредни и создаваат публика. Како што реков, со создавање на публика се создава привлечна средина за маркетинг. Ако се гледа по кликови, таквата вредност може и да ја нема засега во Македонија, но секако постојат и други начини за рекламирање, како на пример спонзорства. Во овој случај не мора да постои интеракција меѓу спонзорот и креаторот на содржини, туку брендот се пласира околу содржина која е атрактивна за посетителите. Со тоа може да се финансира целокупна продукција или цел месец истражување.

Значи тука зборуваме за спонзорирани рубрики чија содржина ја одредува уредништвото ?

Да, апсолутно и мислам дека тоа го гледаме и надвор од информативните програми. На пример фудбалот привлекува реклами за пијалоци. Сличното е можно и за информативните програми, но треба да постои одредена деполитизација која би била примарна со цел да се создаде простор за маркетинг. Како што веќе реков, мојот впечаток е дека пазарот за маркетинг во Македонија засега е регулиран, да не речам доминиран од расходите на владата. Постојат многу причини за тоа. Ако го погледнете јавниот телевизиски сервис, со наплаќање или ненаплаќање на радиодифузната такса се создава простор за владата да мора да интервенира со цел да се спасат работни места и да се заштитат содржините. Сепак сето тоа има влошувачки ефект во поглед на дозволување на пазарот сам да регулира каде ќе одат парите за реклами.
XS
SM
MD
LG