Достапни линкови

Локални избори во полн ек


Се промовираат проекти, општински комисии имаат финансиски проблеми. Од Мост велат дека се прекршени изборни правила. Предизборната кампања е во полн ек.

Покрај една оспорена листа на советници и забелешки за финансиски проблеми на општински комисии, предизборната кампања е во полн ек. Официјализирани се неколку кандидатури по истекувањето на рокот за поднесување на истите денеска на полноќ. Кандидатите за градоначалници промовираат проекти низ повеќе градови во земјава.

Предизборни проблеми

Управниот суд решава за листата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Струга откако општинската изборна комисија во градот ја одби заедничката листа за советници на двете партии. Според извештаите, двете партии поднеле жалба до судот.

Денеска никој од струшкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да ја коментира одлуката на Општинската изборна комисија (ОИК) во Струга, додека од опозициската СДСМ велат дека комисијата ги известила македонските партии дека заедничката листа е неприфатлива и оти треба да се отстрнат неправилностите во неа.

“Според ОИК како неправилност беше констатирано дека 12 од кандидатите за советници предложени од наша страна, претходно се јавувале како кандидати за советници во листата предложена од ВМРО-ДПМНЕ” изјави Владимир Стојкоски, овластен претставник на СДСМ во комисијата. “При тоа, ОИК не постапи по одлуката на ДИК во која јасно беше наведено дека решението со кое е прифатена листата на ВМРО-ДПМНЕ е поништена” дополни Стојкоски.

Во меѓувреме, невладината организација “Мост” излезе со забелешки за прекршувања на изборните правила, јавуваат македонските медиуми. Од невладината посочуваат дека одредени општински комисии се соочуваат со финансиски проблеми поради блокирани сметки. Од “Мост” дополнително забележуваат дека со измените на Изборниот законик, за продолжување на рокот за доставување на кандидатските листи, не им се овозможило на групи избирачи да го искористат дополнителниот рок. Според организацијата, тоа е во спротивност со членот 23 од Уставот.

Официјализирани нови кандидатури

Три нови кандидатури за градоначланици и советнички листи се поднесени во Општинската изборна комисија во Неготино, по продолжувањето на рокот.
Кандидатури за градоначалник и советнички листи поднесоа Силвана Филипова од СДСМ и коалицијата „Сојуз за иднината”, Стојче Петров од НДМ и Душко Јанев од СДУ. Првично кандидатура за градоначалник и советничка листа имаше поднесено ВМРО ДПМНЕ со коалицијата, а кандидат за градоначалник е Ванчо Апостолов.

Општинските ограноци на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Нова демократија (НД) и Национална демократска преродба (НДП) на локалните избори ќе настапат со единствена листа и заеднички кандидати за членови на Советот на општина Битола. Како што соопштија денеска на прес-конференција, промоцијата на кандидатите и носителот на листата Африм Јусуфи ќе биде одржана утревечер во големата сала на Центарот за култура-Битола, на која ќе присисутвуваат и претставници на централните раководства на трите партии на Албанците.

Кампањите со полна пареа

Синоќа официјално е потврдена мојата кандидатура за кандидат за градоначалник на Град Скопје и листата на советници, чиј носител е Софија Куновска. Од денеска и официјално и законски влегуваме во трка за победа во градот Скопје, рече денеска на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ и Сојузот за иднината Јани Макрадули. Притоа, тој најави дека доколку победи на изборите ќе направи се Скопје повторно да биде град на солидарноста, во чест на 50-годишнината од скопскиот земјотрес.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Коце Трајановски и кандидатот за градоначалник на општина Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ го презентираа проектот за продолжувањето со реконструкција и проширување на булеварот „Борис Трајковски“ (поранешна Првомајска) кон населеното место Драчево. “Ова е најклучна сообраќајна артерија на овој дел од Скопје, поради што веќе започнавме со реконструкција и проширување на оваа улица” изјави Трајановски.

Предизборни посети и промоции на проекти се случуваат и во општините Карпош и Злокуќани како и во Охрид и Струмица.
XS
SM
MD
LG