Достапни линкови

Нема да бидеме опозиција по мерак на Груевски


Дарко Давитковски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.
Дарко Давитковски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.

Ако Груевски сака сè да има по мерка, од институции до медиуми, нема да има и опозиција по негова мерка. Тој сака сите настани да бидат брзо заборавени и да се направиме дека ништо не било или што било поминало, пишува за Радио Слободна Европа Дарко Давитковски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.

Деновиве со кого и да се сретнам постојано го слушав истото прашање: ќе одите или нема да одите на избори? Мојот одговор секогаш беше „дали ќе одиме или нема да одиме не зависи од нас и заради тоа не би можел да знам, но едно сигурно знам, а тоа е дека нема да го исполнуваме сценариото на Груевски“.
И последните пораки дека сите проблеми се решаваат во институциите не важат затоа што ако се решаваа проблемите во институциите сигурно немаше да ги исфрлите надвор избраниците на народот да зборуваат за проблемите во институциите.

Отпорот веќе 53 дена трае и ја испраќа пораката насекаде низ Македонија. Точно 53 дена ја шириме вистината за настаните од „црниот понеделник“ кој ќе остане вечно врежан во историјата на македонскиот народ како ден кога за прв пат по 21 година независност власта за прв пат така грубо ги прекрши Уставот, законите и парламентарната демократија.

Се организираа стотици граѓански парламенти, парламенти на вистината каде народот имаше прилика да ги слушне стотиците говорници кои говореа за вистината за седумгодишното режимско владеење на ДПМНЕ. Беа организирани огромен број на маршови и протести пред тоа. Ги потсетивме дека оваа држава е полициско-партиска држава, држава на лаги и манипулации, држава во која граѓаните се држат за узди преку финансиското заплашување и осиромашување, преку „легалното“ подмитување со субвенции кои и така припаѓаат на народот, а наредбите доаѓаат од „жолтата куќа“ од центарот на градот.

Достоинствено и со гордо крената глава секојдневно ни се придружуваа луѓе на улиците и плоштадите ширум државата. Се почувствува духот на промената помеѓу присутните, сите желни за промени во општеството во кое живеат и се незадоволни од политиките на власта. Како никогаш досега единствени во намерата да не дозволиме никогаш повеќе да се повторат настаните од 24-ти декември и никогаш повеќе да не биде крената рака против сопствениот народ.
Дрско одбивајќи ја подадената рака, во добро познатиот манир на глумење лудило, повикуваат на локални избори и враќање на опозицијата во Собранието. Е нема локални избори со уцени со притисок. Треба да знаат дека без политички договор излез од оваа криза нема.

Надалеку се слушнаа настаните од тој црн понеделник, видеа со пораки за поддршка беа испратени од социјалдемократските подмладоци кои нѝ порачуваа да бидеме истрајни и упорни во битката за демократија во нашата земја. Безброј писма беа испратени со поддршка од меѓународни институции и здруженија кои бараа расчистување на настаните од 24-ти декември.

Но по веќе добро познатата пракса на власта беа повикани странски „експерти“ кои упорно укажуваа како и во нивната пракса имале ситуации каде што ЗАМОЛИЛЕ нивни колеги пратеници да ја напуштат салата поради нивното однесување. Не знам зошто ги замолувале, требало да повикаат обезбедување и да ги згрбават од тепање по примерот на „лулката на демократијата - владеењето на Груевски“.

Слушнавме безброј повици за смирување на страстите на двете страни, не знам зашто има потреба од такво нешто кога може да го свртиме и другиот образ. За среќа на народот тоа оваа власт нема да го види. Ако Груевски сака сè да има по мерка, од институции до медиуми, нема да има и опозиција по негова мерка. Тој сака сите настани да бидат брзо заборавени и да се направиме дека ништо не било или што било поминало. И последните пораки дека сите проблеми се решаваат во институциите не важат затоа што ако се решаваа проблемите во институциите сигурно немаше да ги исфрлите надвор избраниците на народот да зборуваат за проблемите во институциите.

Единствен излез од оваа ситуација се слободни и фер предвремени парламентарни избори, избори на кои ќе можат граѓаните со своите гласови да го вратат легитимитетот на државните институции.

Дрско одбивајќи ја подадената рака, во добро познатиот манир на глумење лудило, повикуваат на локални избори и враќање на опозицијата во Собранието. Е нема локални избори со уцени со притисок. Треба да знаат дека без политички договор излез од оваа криза нема. И како што вели Груевски предвремени парламентарни нема да има ни утре, ни задутре... Е баш убаво, нас ќе не има сè повеќе и Македонија сигурно ќе победи.
XS
SM
MD
LG