Достапни линкови

Општина Прилеп ги продава објектите на поранешните месни заедници


Опозицијата се противи на продажбата и предлага пренамена во културни центри. Локалната власт тврди дека одржувањето на објектите е економски неисплатливо.

Прилепските социјалдемократи жестоко ја критикуваат локалната власт и се сомневаат во оправданоста на одлуката за продажба на деловните простории во домовите во четири урбани единици во Прилеп, на три месеци пред локалните избори. Според нив, крајно е неоправдана продажбата и на делови од објекти кои граѓаните ги граделе со свои средства пред години, со намера да им служат ним, за задоволување на потребите на урбаното живеење во секоја населба поодделно. Затоа наместо продажба, предлагаат нивна преадаптација во културни, креативни центри за деца, во центри за културна и техничка едукација на младите.
Имаме 8 години функционирање на една иста администрација и на една иста локална власт, сметам дека сите нивни идеи, ако беа добронамерни требаше и досега да се реализираат. Водејќи сметка дека во моментов имаме решенија кои се панични, сметам дека овие одлуки се неисправни.
Хари Локвенец, СДСМ Прилеп.

„Имаме 8 години функционирање на една иста администрација и на една иста локална власт, сметам дека сите нивни идеи, ако беа добронамерни требаше и досега да се реализираат. Водејќи сметка дека во моментов имаме решенија кои се панични, сметам дека овие одлуки се неисправни“, вели Хари Локвенец од општинската организација на СДСМ од Прилеп.

Наспроти нив, се огласија политичките ривали од ВМРО-ДПМНЕ.

„Социјалдемократите никако да научат дека никој повеќе сериозно не ги сфаќа и не им верува, туку ги сожалува. Социјалдемократи сметате дека народот не може да сфати со колкава омраза говорите за ВМРО-ДПМНЕ, затскривајќи се зад тоа што и вие сте во коалиција со една друга ВМРО“, обвини Љубен Котески, портпарол на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.
Овие простории навистина не е економски исплатливо за нас, да ние ги одржуваме и да вложуваме во нив, така да најдовме една солуција да ги ставиме на располагање на бизнис секторот, ако понуди интерес бизнис секторот, да ги земе по цената, која е определена по методологија.
Драге Ѕвездакоски, раководител на одделот за финансии во Општина Прилеп.

А, од локалната самоуправа објаснуваат дека овој чекор е последица на неекономичноста, преголемите трошоци за одржување на простории кои воопшто не се користат со години. Некогаш овие простории им припаѓале на месните заедници, но со децентрализацијата од 2005 година, тие преминаа во надлежност на Општината, истакнуваат надлежните и подвлекуваат дека нивната продажба ќе значи и можност за отворање на нови работни места.

„Овие простории навистина не е економски исплатливо за нас, да ние ги одржуваме и да вложуваме во нив, така да најдовме една солуција да ги ставиме на располагање на бизнис секторот, ако понуди интерес бизнис секторот, да ги земе по цената, која е определена по методологија“, изјави Драге Ѕвездакоски, раководител на одделот за финансии во Општина Прилеп.

Вкупно на продажба се деловните простори на четири локации во градот со површина од околу 700м2 и почетна цена од околу 280.000 евра. Доколку до средината на овој месец, кога треба да заврши првиот јавен повик, нема заинтересирани инвеститори, тогаш ќе се објави втор повик со намалување на цената за 20 отсто. Парите од продажбата, велат во локалната самоуправа, ќе се наменат за детските градинки.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG