Достапни линкови

Неделниците го анализираат однесувањето на партиите


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Глобус и Фокус го анализираат однесувањето на власта на и на опозицијата, Република пишува за хомосексуалните бракови, а Капитал го анализира градежниот сектор.

Фокус - Кога опозицијата стана патриотска, Груевски проговори на - албански!?

Комуњарскиот комплекс сакаат да го надоместат со патриотско популистичка и националистичка парада во која доминира префорсираноста и неприродноста, некој аматерски, неавтентичен, силуван популизам со кој немаат никакви шанси.
Глобус.
„Кога опозицијата стана патриотска, Груевски проговори на - албански!? - се исчудува уводничарот на Фокус во најновиот број. Груевски според неделникот е во нов филм: на патриотскиот ден се посвети на улогата на семејството, на жената, на геј-браковите... Утредента проговори на албански. Колку да покаже кој е газда во куќата, а опозицијата мора да ја преземе играта во свои раце, оти само така ќе може да излезе од инфериорната позиција во која е заглибена веќе седма година. За жал, економската ситуација е тема што не остава место за избор: на гласачите конечно мора да им се објасни зошто дојдовме на ова дереџе. КАДЕ СЕ ПАРИТЕ? - прашува Фокус со крупни букви во текстот и заклучува дека тоа е клучното прашање на кое власта мора да се принуди на секојдневни одговори. Срамно е, на пример, после толку години да немаме барем приближна бројка на трошоците за Скопје 2014, која веќе опасно се приближува до половина милијарда евра, а Груевски најави дека нема да надмине 80 милиони. И како може да нема пари за парно по училиштата, или елементарни лекови во болниците, кога годишните буџети на оваа власт се повисоки за безмалку милијарда евра од оние на претходната? - се чуди Фокус.

Глобус - Стриптиз на старата дама

Една од постојаните колумни во дигиталниот Глобус исто така е посветена на аналитичка критика на опозициската СДСМ, со наслов кој веќе доволно кажува: „Стриптиз на старата дама“. Па пишува дека „комуњарскиот комплекс сакаат да го надоместат со патриотско популистичка и националистичка парада во која доминира префорсираноста и неприродноста, некој аматерски, неавтентичен, силуван популизам со кој немаат никакви шанси“, тврди, покрај другото, Глобус.

Република - Црвената линија за хомосексуалните бракови

Република ја презема идејата од обраќањето на премиерот на празникот 23 Октомври, па и насловната страница и главната анализа и уште еден напис потоа му се посветени на „Традиционалното семејство како врв на претпочитаните вредности на Балканот“ и на „Црвената линија за хомосексуалните бракови“, што ја поставиле и левите и десните партии и двете најголеми албански. Република го поставува прашањето дали е тоа резултат на политичката проценка за гласови, во едно конзервативно општество какво што е Македонија или, пак, страв од лошата демографска слика.

Капитал - Во западна Македонија се гради на големо, а во источна само во Струмица

Главната сторија во неделниот Капитал е посветена на работата на градежните компании во земјава, поточно на оние во западниот дел на земјава, со наслов: „Во западна Македонија се гради на големо, а во источна само во Струмица“. Капитал сумира дека 90 отсто од новоизградените станови во западниот дел од земјава ги купуваат печалбарите. Инаку, дури 25 градежни компании од целава земја се меѓу 200-те најуспешни и најпрофитабилни компании на листата на Капитал, кои од Скопје, Тетово, Гостивар и Охрид направија буквално градилишта, и чиј вкупен профит лани изнесувал околу 52 милиони евра, потсетува Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG