Достапни линкови

Законите со европско знаменце блокирани во Парламентот


Поради тивкиот бојкот на Собранието од страна на пратениците на ДУИ, не може да се донесат законите кои се дел од патоказот за претпристапниот дијалог со ЕУ.

Законите со европско знаменце како и законот за следење на комуникации кој е дел од патоказот за претпристапниот дијалог се во заложништво на парламентарната криза. ДУИ и натаму ја бојкотира работата на Собранието, за да го спречи носењето на законот за бранители.

Тоа е уште една илустрација колку на преден план ни е државата. Не случајно реков дека и претседателот и Груевски и Ахмети ги поткренаа партиските, а не државното знаме. Ако тие мислеа на државата, овој закон, бидејќи ни е обврска според патоказот, ние мора да го донесеме.
Тито Петковски, НСДП.
Собраниската седница два пати беше прекината уште пред да почне. Пратеникот Талат Џафери од ДУИ побара пауза поради обврска околу партиски активности, како и поради тоа што требало да се подготвува за говорот на Комисијата за труд и социјална политика каде што најави дека ќе чита стенограмски белешки од собраниски расправи за веќе постоечкиот закон за бранителите и неговите измени од 2002-та година, делови од меѓународни конвенции, потоа како е третирано спорното прашање во Уставот и Рамковниот договор и ќе прави споредби со законодавството и практиките кои се применуваат во соседните земји коишто излегле од војна.

Претходно седницата беше прекината поради немање на кворум, односно на седницата не се појави ниту еден пратеник на ДУИ, а за да може да се донесе законот за следење на комуникации е потребно двотретинско мнозинство односно присуство на 82 пратеници.

Пратеникот на НСДП Тито Петковски изјави дека законите кои сега се држат во заложништво само покажува дека државните интереси на владејачката коалиција не се во прв план.

„Тоа е уште една илустрација колку на преден план ни е државата. Не случајно реков дека и претседателот и Груевски и Ахмети ги поткренаа партиските, а не државното знаме. Ако тие мислеа на државата, овој закон, бидејќи ни е обврска според патоказот, ние мора да го донесеме.“

РСЕ: Што ако не се донесат тие закони?

„Ние и онака доцниме кон ЕУ, а ако не го донесеме верувам дека ќе добиеме само уште една негатива.“

Тој додава дека сето ова е игра за предвремени парламентарни избори во која главните актери, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, лошо глумат, а развојот на настаните по Слупчане покажува дека во државата нема желба и свест за демаскирање на лажниот „патриотизам“ и политичката трговија со бранителите.

Пратениците од владејачката коалиција не се одзваа на барањата на новинарите да одговорат на ваквите обвинувања и да објаснат што ќе се случи со законите кои останаа во заложништво на кризата.

Во меѓувреме, министерот за одбрана Фатмир Бесими брифира дека поентата на настанот во Слупчане е да сфатиме дека живееме во иста куќа и имаме заедничка иднина и дека немало прекршување во процедурите при поклонувањето пред споменикот во Слупчане. Тој додава дека во моментов е посветен на реформите и интетграцискиот процес во НАТО, но не сакаше да коментира за состојбата во владината коалиција и за законот за бранителите затоа што пратеничката група на ДУИ го презентирала својот политички став за ова прашање.

Тој утре ќе присуствува на состанокот на Северно-атланскиот совет на НАТО во Брисел заедно со министерот за надворешни работи Никола Попоски каде што ќе се разгледува извештајот за прогресот на Македонија во рамки на процесот за членство во НАТО.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG