Достапни линкови

Младите невработени кумановци спасот го гледаат во Европа


Голем број кумановци веруваат дека единствен спас од немаштината и невработеноста е влезот на државата во Европската унија.

Соочени со секојдневни најави за поскапување на животните трошоци, долгогодишен дефицит на работни места, вработувања со несигурни, мали и нередовни плати, голем број кумановци сакаат да веруваат дека единствен спас е влезот на државава во Европската унија. А додека тоа им се случи, иако беспарицата владее, кафулињата и рестораните се полни.
Од оваа држава не гледам иднина. Ако влеземе во Европа можеби ќе има иднина за нас младите, ако не, не знам. Разочарани сме од оваа држава.
Анкетиран граѓанин.

Малкумина од оние што времето го поминуваат во угостителските објекти сакаат да разговараат. Некој само кусо ќе дофрли дека е лето и дека има многу луѓе, печалбари дојдени на одмор и гости.

„Гледаме да се преживее некако. Многу тешко. Државата не им помага на младите. Мораме самите да се снаоѓаме. Да работиме повеќе работи.“

РСЕ: Како гледате на иднината?

„Од оваа држава не гледам иднина. Ако влеземе во Европа можеби ќе има иднина за нас младите, ако не, не знам. Разочарани сме од оваа држава.“
Уф! Секоја година е се потешко, одиме се подлабоко, секоја година се повеќе се враќаме назад. Од осамостојувањето одиме само назад. Ништо подобро нема.
Анкетиран граѓанин.

Оние од средната генерација можеби најповеќе се погодени. Некои од нив, иако се вработени, велат дека не се задоволни.

„Од примањата, од животот, скапотијата, од многу работи. Несреденост, инфраструктура. Малку е тоа што може да се пофали.“

„Уф! Секоја година е се потешко, одиме се подлабоко, секоја година се повеќе се враќаме назад. Од осамостојувањето одиме само назад. Ништо подобро нема.“

За среќа има и такви кои како што велат вработени се и задоволни од животот.

„Работиме, имаме добра плата. Живееме фамилијарно.“

Меѓу кумановци најчесто ќе се слушне и дека со обезбедување средства за исхрана на семејствата деновите полесно ги поминуваат. Лето е, па и трошоците за сметките за струја се помали, сè уште нема потреба за обезбедување огревно дрво, зимница, за училишна опрема за децата, како и за останати подготовки за зимата. За тоа кумановци ќе размислуваат во втората половина на месецот август и како што велат ќе се снаоѓаат секој на свој начин.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG