Достапни линкови

Жестока реторика за и против Скопје 2014


Со остра реторика, споменување на Хитлер, Гебелс, фашизам, антомакедонство, забеганост и криминал, опозицијата го напаѓа проектот Скопје 2014. Власта подеднакво жестоко го брани.

Собраниската дебата за информацијата за проектот Скопје 2014 се претвори во жестока дебата за македонскиот идентитет и за тоа кој што изградил во минатото. Со остра реторика, споменување на Хитлер, Гебелс, фашизам, антомакедонство, бугараштво, србоманство, гркофилија, забеганост и криминал, пратениците од опозицијата го напаѓаат проектот Скопје 2014, додека пратениците од владејачкото мнозинство со не помала жестина го бранат.
Има многу симболики и коинциденции во проектот Скопје 2014. Хитлер во своето дело Маин Кампф напишал дека сакал да стане архитект. Истакнувал дека на германските градови им недостигаат јавни споменици и собиралишта на заедницата. Тврдел дека архитектурата не е само изговорен збор во камен, туку израз на верата и убедувањето на една зедница. Таа ги означува моќта, големината и славата на големиот човек или владетел.
Јани Макрадули, СДСМ.

Жестоката реторика ја најави и самиот наслов на информацијата поднесена од опозицијата, како „Информација за продолжување и интензивирање на прекумерното, расипничко и криминално трошење на народни пари во забеганиот проект на власта Скопје 2014“.

Пратеникот Јани Макрадули од СДСМ не штедеше зборови на критика против проектот.
Споменикот на Тодор Александров во Кисела Вода.
Споменикот на Тодор Александров во Кисела Вода.

„Има многу симболики и коинциденции во проектот Скопје 2014. Хитлер во своето дело Маин Кампф напишал дека сакал да стане архитект. Истакнувал дека на германските градови им недостигаат јавни споменици и собиралишта на заедницата. Тврдел дека архитектурата не е само изговорен збор во камен, туку израз на верата и убедувањето на една зедница. Таа ги означува моќта, големината и славата на големиот човек или владетел.“

Опозицијата тврди дека проектот Скопје 2014 ќе чини 500 милиони евра и оти со него се уништува македонскиот идентитет.
Зградата на МНР плаќа кирија од близу 100 илјади евра годишно на фирмата на таткото на најдобриот другар на Јани Макрадули, господинот Штерјо Наков. Регулаторната комисија за енергетика плаќа кирија од 150 илјади евра на фирмата на оние Пановски што се занимаваа со здравство и со лекови. Државниот завод за ревизија плаќа близу сто илјади евра кирија на фирмата Гофи на господинот Трифун Костовски, а Министерството за земјоделие плаќаше 381 илјада евра годишно на Комерцијална банка на финансиерот на СДСМ, господинот Хари Костов. Тоа е болката.
Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека со паралелите со фашизмот, Макрадули го негира холокаустот и жртвите од втората светска војна.

Опозицијата критикува за непотребно трошење народни пари фокусирајќи се на спомениците, власта го брани проектот од финансиски аспект, ставајќи фокус на зградите со образложение дека се трошат речиси два милиони евра годишно за кирии. Опозицијата критикува дека проектот е антимакедонски посочувајќи ги Тодор Александров, Ванчо Михајлов и Симеон Радев, пратениците од владејачката партија велат дека е патриотски, посочувајќи ги спомениците на АСНОМ, Никола Карев и на Ченто.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека кога Макрадули ќе дојде на власт ќе може да си изгради споменик на грчкиот владика Германос Каравангелис. Скопје 2014 најмалку е проект за споменици, тоа е проект во кој се градат згради за државните институции кои се под кирија, вели Димовски, а тоа според него е „болката“ на СДСМ.

„Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки плаќаат кирија од 66 илјади евра годишно на фирмата Технометал на Кочо Моцан, кој е финансиер на СДСМ. Исто така и Јавното обвинителство плаќа кирија на истата фирма Технометал. Зградата на МНР плаќа кирија од близу 100 илјади евра годишно на фирмата на таткото на најдобриот другар на Јани Макрадули, господинот Штерјо Наков. Регулаторната комисија за енергетика плаќа кирија од 150 илјади евра на фирмата на оние Пановски што се занимаваа со здравство и со лекови. Државниот завод за ревизија плаќа близу сто илјади евра кирија на фирмата Гофи на господинот Трифун Костовски, а Министерството за земјоделие плаќаше 381 илјада евра годишно на Комерцијална банка на финансиерот на СДСМ, господинот Хари Костов. Тоа е болката“, вели Димовски.

Во однос на бранењето на идентитетот, пратениците од СДСМ „ги наградија“ со „златна шајкача“ пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на канењето српски пејачи на Пиво фестот во Прилеп, на што овие реплицираа дека СДСМ слободно може да го покани грчкиот пејач Сакис Рувас.

Пратеникот Беким Фазлиу од ДПА рече дека ова е антиалбански проект кој најмногу ги осиромашува граѓаните Албанци.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG