Достапни линкови

Листа на желби за долги реформи во евро-зоната


По овој наслов Лоренс Најт од Би Би Си се осврнува на престојниот самит на Европската Унија.

Италијанскиот премиер Марио Монти изјави дека Европа има еден месец за да го спаси еврото. Францускиот претседател Франсоа Оланд повикува на потпишување пакт за развој. Бившиот британски премиер, Тони Блер сугерира склучување голем договор, а во Германија се зборува за федерализам. Сепак, економските и финансиските решенија за кризата во евро-зоната се едноставни.

Како?
Лесно. Прашајте се како истите проблеми ги реши едно друго големо подрачје со единствена валута – Соединетите Американски Држави. Вистинскиот проблем на Европа е тоа што речиси сите решенија се политички неприфатливи. Клучен проблем на евро-зоната е тоа што јужно-европските економии станаа фундаментално неконкурентни. Нивните приходи пребрзо пораснаа за време на најдобрите години, што ги наведе да увезуваат многу повеќе отколку што извезуваат, па почнаа да се задолжуваат. Финансиската паника настана откако Германија почна да изкажува резерви за натамошно позајмување.
Што би требало да направат членките на евро-зоната за да се извлечат од амбисот?

Унија на Банки

Сите лоши кредити кои ги дале банките од евро-зоната би требало да се расчистат со убризгување капитал во банките. Депозитите во сите банки од евро-зоната мора да бидат гарантирани во евра од страна на евро-зоната како целина, со што би се смирила паниката меѓу инвеститорите кои своите пари од јужно-европските банки ги префрлаат во Германија, а се почесто и во Швајцарија или Данска. Сите европски банки би требало да бидат ставени под заеднички режим на регулација и надзор.

Фискална унија

Најголем проблем се евро-обврзниците. Голем дел од државниот долг на евро-зоната можеби ќе треба да се преточи во еден, при што владите би требало да бидат солидарни и да ја зацврстат определбата за останување во евро-зоната. Можеби ќе биде потребен и федерален буџет, во стилот на Соединетите Држави, за да бидат покриени трошоците од рецесијата а поединечните влади да не влегуваат во ризик од банкрот доколку нивните национални економии западнат во неволји. На пример, трошоците за минималното социјално осигурување и надоместот за невработените би требало да бидат заеднички за целата евро-зона.

Пакт за раст

Европската Централна Банка би морала да ги смени своите овластувања и да има две конкретни цели: подршка на вработувањето и стаблиност на цените, како што предложи францускиот претседател Франсоа Оланд. Евро-зоната можеби ќе треба да плати за големите вложувања во инфраструктурата, посебно на југот на Европа, исто како што Западна Германија вложуваше во Источниот дел по обединувањето. Сите европјани ќе мора да спроведат структурни реформи со кои ќе се зголеми нивниот долгорочен развој и ќе им бидат засилени финансиите. Тоа вклучува и зголемување на старосната граница за пензионирање и олеснување на вработувањето и отпуштањето од работа.

Ребаланс

Германската влада и Европската Централна Банка ќе мора да ја поттикнат инфлација во Германија на неколку години за да биде елиминирана нивната голема предност во однос на конкурентноста спрема другите држави, што веќе почна да се случува. Истовремени структурни реформи, посебно на пазарот на трудот за да се обезбеди приходите на земјите од јужна Европа да не пораснат пребрзо, па да се повтори историјата.

Политичка Унија

Кога би функционирале банковна, монетарна и фискална унија, владите на земјите од евро-зоната би требало да им ги препуштат овластувањата на централното тело, Европската Комисија, која ќе ги финансира и надгледува сите мерки, а националните влади ќе мора да ги контролираат трошоците во согласност со ограничувањата.

Поголемиот дел од наведените реформи ќе значи дека Германија ќе мора да го дели своето богатство со останатите, а сите европски влади би требало да се откажат од овластувањата во корист на Брисел.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG