Достапни линкови

Грчките црвени линии, алиби за Македонија?


Андонис Самарас, лидер на Нова демократија.
Андонис Самарас, лидер на Нова демократија.

Цврстите ставови на грчката влада уште повеќе ќе се зацврстуваат, а македонската страна тоа ќе го искористи и понатаму да изнаоѓа оправдувања и да го одолговлекува решението, велат аналитичарите со кои разговаравме.

Ништо битно ново и драматично не може да се очекува по изборите во Грција во однос на спорот за името. Цврстите ставови на грчката влада уште повеќе ќе се зацврстуваат, а македонската страна тоа ќе го искористи и понатаму да изнаоѓа оправдувања и да го одолговлекува решението, велат аналитичарите.
Мојот впечаток е дека досега владата не сакаше да направи никаков чекор чекајќи да дојдат некои други Грци на власт во Атина, кои не би биле националисти и не би биле радикали, кои би биле некако повеќе европски ориентирани. Јас мислам дека тоа е погрешен пристап. Македонија мора да иницира решавање на проблемот со името, а тоа да не зависи од тоа кој е на власт во Атина.
Стево Пендаровски, универзитетски професор.

Но кој и да дојдеше на власт во Грција немаше да се смени ништо, затоа што грчките релевантни политички субјекти имаат зацртано државен став во однос на Македонија, а ниту во предизборната кампања некој најави дека сака да отстапи од таа грчка црвена линија, вели професор Стево Пендаровски. Од тука произлегува прашањето што може да направи македонската страна. Пендаровски вели дека, ако навистина се сака да се направи некој чекор, Македонија не треба да зависи од тоа кој е на власт во Атина.

„Мојот впечаток е дека досега владата не сакаше да направи никаков чекор чекајќи да дојдат некои други Грци на власт во Атина, кои не би биле националисти и не би биле радикали, кои би биле некако повеќе европски ориентирани. Јас мислам дека тоа е погрешен пристап. Македонија мора да иницира решавање на проблемот со името, а тоа да не зависи од тоа кој е на власт во Атина.“

Пендаровски вели дека Македонија мора да се сврти кон Вашингтон и кон државите кои неформално стојат зад овој спор, земји кои имаат влијание и сила да ги приближат позициите на двете страни.
Мислам дека оваа структура која ја води власта во Република Македонија ќе смисли други причини, ќе ги сатанизира постојните политичари во Грција, така што ќе ги заостри односи за да има алиби да не го реши проблемот.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Клучот на решението за иницијативноста е во Скопје, а клучот за конечното евентуално решение на спорот е во Вашингтон. На таа линија, на таа оска помеѓу тие два града треба да се бара решението на името, Грција тука е формален дел од тие преговори, меѓутоа тие имаат црвена линија која нема да се преместува премногу.“

Професор Мерсел Биљали вели дека оправдувањата оти Грција е во криза и дека нема легитимна влада со која би се преговарало треба да престанат и да се види што е она што македонската страна го прави.

„Мислам дека оваа структура која ја води власта во Република Македонија ќе смисли други причини, ќе ги сатанизира постојните политичари во Грција, така што ќе ги заостри односи за да има алиби да не го реши проблемот. “

На изборите во Грција најмногу гласови освои Нова демократија на Андонис Самарас, на второ место е Сириза, па следи ПАСОК. Иако националните прашања, како спорот за името со Македонија беа засенети од економската криза во предизборната кампања во Грција, сепак Самарас на митингот во Солун на насобраните граѓани им се обраќаше со „Македонци“ и „Македонки“ и ги потсети гласачите дека токму неговата партија никогаш нема да прифати фалсификување на историјата на, според него, нивната Македонија.

И на изборите во 2009, спорот за името изостана од политичката агенда, но тогашниот премиер кој беше и министер за надворешни работи Јоргос Папандреу се придржуваше до грчките црвени линии.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG