Достапни линкови

Селмани - Непотребна хистерија за декриминализацијата


Работната група за декриминализација на клевета.
Работната група за декриминализација на клевета.

За претседателот на ЗНМ Насер Селмани договорот за декриминализација не е најдобар, но е компромис со дијаметрално спротивните ставови на владата.

Претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани смета дека неговите колеги кои бурно реагираа по вчерашниот договор со владата за декриминализација на клевета креваат хистерија без аргументи. Тој изјави дека ова можеби и не е најдобриот можен договор, но со оглед на ситуацијата во која ставовите на ЗНМ биле дијаметрално спротивни со оние на Владата, тие собрале сили и прифатиле едно средишно решение кое е подобро од она што го било досега.
Мојот впечаток е дека најодговорните во медиумите сакаат да продолжат да бидат неодговорни, тоа не може. Дојдено е времето да се воспостави ред и поредок, не може со блеф да се глуми пред луѓето да се доведат до заблуда дека тие се најголемите заштитници на слободата на изразување. Па ве молам, тие уредници 20 години ги водат медиумите, како тоа постојано се жалат дека нешто лошо им се случува, а упорно седат во тие позиции.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

„Мојот впечаток е дека најодговорните во медиумите сакаат да продолжат да бидат неодговорни, тоа не може. Дојдено е времето да се воспостави ред и поредок, не може со блеф да се глуми пред луѓето да се доведат до заблуда дека тие се најголемите заштитници на слободата на изразување. Па ве молам, тие уредници 20 години ги водат медиумите, како тоа постојано се жалат дека нешто лошо им се случува, а упорно седат во тие позиции.“

На новинарското прашање дали и реакцијата на весникот „Вест“ е хистерија со оглед на тоа што денеска излезе со бела насловна страница противејќи се на договорот, Селмани одговори дека ставот на уредувачкиот колегиум на медиумот во кој што работи него не го обврзува.

„Уредувачкиот колегиум на „Вест“ вчера донесе одлука без да го види законот и без да ме сослуша мене, што имав јас да им кажам. Неодговорно е да носите одлуки и проценки без да видите за што зборувате, сите наводи во коментарот на весникот се неосновани.“
За нас советот донесе многу опасна одлука и создаде многу опасен преседан, затоа што ако во иднина постапува слично како што постапи вчера, во Македонија не треба да постои ни еден електронски медиум, затоа што сите електронски медиуми во Македонија имаат проблем со програмскиот формат.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Селмани смета дека со новите законски измени кои ќе бидат ставени на јавна дебата, новинарите ги добија сите барања кои ги имаа пред да почне процесот на декриминализација, а тоа беше клеветата и навредата да се изземат од кривичниот законик, односно да нема казна затвор за новинари, да има каскадна одговорност за клевета и навреда и да се ограничат надоместоците за нематеријална штета.

Тој додава дека сега новинарите нема да бидат топовско месо меѓу оние кои сакаат да вршат притисок и да се пресметуваат со медиумите, а со каскадната одговорност земјава ќе добие поодговорни новинари и медиуми.

Со новите измени новинарот ќе биде ослободен од одговорност ако не му биде почитувано правото на слободен пристап, односно ако му е одбиено барањето за одговор на прашања кои институција по закон треба да ги одговори. По објавениот текст, нема да постои основа за клевета затоа што на институцијата и е дадена можност да одговори.

Во измените на законот биле вметнати 12 законски основи при кои новинарите нема да одговараат - ако се извинат, ако објават демант, ако докажат дека текстот е нарачан и слично.

ЗНМ смета дека вчерашната одлука на СРД со која е одземена дозволата на А2 Телевизија е спорна и ја загрозува слободата на медиумите и слободата на изразувањето.

„За нас советот донесе многу опасна одлука и создаде многу опасен преседан, затоа што ако во иднина постапува слично како што постапи вчера, во Македонија не треба да постои ни еден електронски медиум, затоа што сите електронски медиуми во Македонија имаат проблем со програмскиот формат.“

Американската амбасада во Скопје, најави следење одблиску на процедурите на Советот со цел да се утврди дали регулативата се применува еднакво за сите телевизиски станици. Во нивната писмена реакција е наведено дека се согласуваат дека медиумите треба да ги почитуваат законските обврски кои произлегуваат од поседувањето на дозвола, но гледаат дека А2 е прв радиодифузер врз кого е извршено ова барање.

Портпаролот на еврокомесарот Штефан Филе, Петр Стано денеска во Брисел изјави дека договорот за декриминализација на клеветата и навредата меѓу Владата и ЗНМ е добра вест, но изрази загриженост за одземањето на дозволата за емитување на А2 телевизија. Тој додаде дека Европската комисија ќе продолжи да ги следи случувањата со таа телевизија затоа што слободата на изразувањето и на медиумите е една од точките во високиот пристапен дијалог.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG