Достапни линкови

ЕУ самит за економските проблеми


Денеска во Брисел почнува дводневен самит на Европската унија посветен на справувањето со невработеноста и на забрзувањето на економскиот раст на Унијата. Пред собирот, во Белгија, Шпанија и во Грција беа одржани протести против острите мерки за штедење.

На самитот се очекува да биде донесена и конечна одлука за доделување кандидатски статус за влез на Србија во ЕУ. Одлуката им е препуштена на лидерите, откако шефовите на дипломатијата на Европската унија неделава не успеаја да го сторат тоа поради противењето на Романија, која натамошниот евроинтегративен процес на Србија го поврза со почитувањето на правата на романското малцинство во таа земја.
Од состанокот на министрите на ЕУ во Брисел 27.02.2012.
Од состанокот на министрите на ЕУ во Брисел 27.02.2012.

Романскиот претседател Трајан Басеску неодамна побара од Србија да им го гарантира правото на образование и на медиуми на романски јазик и богослужби во романски православни цркви.
Лукашенко е последниот диктатор во Европа. Тој врши притисок врз луѓето кои не бараат ништо друго освен почитување на нивните граѓански и човекови права. Затоа реагиравме решително и солидарно на ваквата репресија на нашиот праг. Тоа се случува тука во Европа.
Гвидо Вестервеле, министер за надворешни работи на Германија.

Известувачот во Европскиот парламент за Србија Јелко Кацин синоќа изрази уверување дека Романија на самитот во Брисел „нема да прави проблем“ при гласањето за кандидатскиот статус на Србија.

Тој додал дека била постигната согласност во Европскиот парламент од мнозинството политички групи кои денеска ќе гласаат за препораката.

На дневен ред е и барањето за дополнителни санкции против Белорусија, откако таа побара амбасадорите на Европската унија и на Полска да ја напуштат земјата.

Веднаш потоа и сите членки на Унијата се согласија да ги повлечат своите амбасадори од Минск. Шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле изјави дека сакциите се одговор на репресијата во таа земја:

„Господин Лукашенко е последниот диктатор во Европа. Тој врши притисок врз луѓето кои не бараат ништо друго освен почитување на нивните граѓански и човекови права. Затоа реагиравме решително и солидарно на ваквата репресија на нашиот праг. Тоа се случува тука во Европа“, изјави Вестервеле.

Сепак, главна тема на состанокот во Брисел е извлекувањето на Унијата од економските проблеми, пред се големата невработеност која достигна над 10 проценти.

Секако тука е мислењето на лидерите во врска со натамошниот спасувачки пакет за Грција кој треба да биде одобрен на состанокот на еврозоната што беше планиран за денеска, но е одложен за десетина дена.
Атина
Атина

Со цел да ги испочитува условите, грчкиот парламент синоќа изгласа закон за намалување на државните трошоци за лекови и медицински услуги, како и за спојување на пензиските фондови. Тоа е дополнување на Законот донесен на 13 февруари за новиот кредитен договор со ЕУ и ММФ.

Парламентот усвои и пакет мерки кои се однесуваат на намалување на платите и пензиите и за спојување на државни институции. Платите на локалните функционери се намалуваат за 10 проценти, додека минималната плата во приватниот сектор се намалува за 22 насто.

Исто така, за 300 милиони евра се намалуваат и воените трошоци. Целосно овој пакет мерки предвидува заштеда во текот на оваа година од вкупно 3,2 милијарди евра.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG