Достапни линкови

Ваши коментари - Колку е длабок длабокиот џеб?


Министерот за финансии Зоран Ставрески го промовира проектот „Купи куќа, купи стан“.
Министерот за финансии Зоран Ставрески го промовира проектот „Купи куќа, купи стан“.

Текстот за проектот „Купи куќа, купи стан“ ги предизвикал читателите да полемизираат дали луѓето со приходи од 500 евра се луѓе со длабок џеб.

„Купи куќа - врати стан“ - вака ја преправија владината акција шегобијните наши граѓани кои и во маката си го задржуваат духот. А, пак, според пораките на нашата веб-страница се чини се' уште не ги разбрале точно правилата. Па веб-страницата им послужила како дебатен клуб за тоа колку приходи треба да има едно семејство за да може да се „трка“ во акцијата.
Според условите од банките, за да ви дадат кредит, треба да земате трипати поголема плата од месечната рата што треба да ја плаќате, значи за рата од 200 евра, треба да зимате 600 евра плата најмалку, сам или со брачниот другар. Тоа значи дека треба и двајцата сопружници да имаат просечни плати од 20 илјади денари.
Коментар од читател.

Полемиката ја провоцира слушател потпишан со „Македонец“, кој смета дека нашиот текст за оваа тема е пропагандна дезинформација и дека не сме биле објективни како медиум затоа што сме напишале дека во акцијата ќе се офајделе оние со подлабок џеб. Е, тука лежи зајакот, се чини, па повеќемина други испраќачи на пораки полемизираат со него дека треба да ги симне розовите очила и дека заедно со Владата не сака да ја гледа реалноста во државава, како што пишува анонимен слушател. Алек луто коментира дека 250 евра по сопружник се блиску до минималецот во државава, а слушател потпишан со „Кираџија“ пишува дека во текстот не може да се прочита дека услов е платата да биде 500, туку 900 евра и дава вистински статистички преглед на тоа колку вработени земаат колкава плата, па според него излегува дека само 5 илјади и 700 вработени имаат толкави приходи за да можат да конкурираат за владината акција.

Инаку, и во нашата анкета „Кој може да учествува во акцијата“, 36 отсто одговараат дека тоа можат богатите, а дури 56 отсто сметаат дека од акцијата ќе се офајдат само партиски членови.

Нашиот текст „Пораката од Меркел е сфатена - решето го името“, го натерал Горан од Паланка да и' порача на Владата да си се подготвела навреме кога на самитот во Чикаго повторно ќе не шутнеле, како што пишува, да го извади веднаш џокерот од ракав и конечно да профитира со тоа што ќе ја отфрли Времената спогодба и да стави крај на срамните преговори, како што смета тој. Нема ни НАТО, ни ЕУ, ама нема ни ФИРОМ, туку само Република Македонија и со Господ напред, завршува Горан.

Мето пишува дека Грците имаат проблем, па нека си го решаваат со својот средновековен менталитет, а Владо од Скопје објаснува дека судските одлуки од највисоките меѓународни инстанце важат само доколку државата е силна на економски и на политички план и предлага Македонија да склучи воен сојуз со Русија(!!!???) зашто народот е премногу веќе разочаран и се јавува антинатовско и антиевропско расположение.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG