Достапни линкови

Планини снег во битолската Чаршија


Чаршијата во Битола затрупана со снег.
Чаршијата во Битола затрупана со снег.

Низ сокаците во битолската чаршија има десетици „планини“ од снег, дел високи и над два метри. Дуќанџиите се жалат дека надлежните не ја исчистиле Чаршијата месец и половина, откако падна првиот снег.

Како Килиманџаро да се издигна низ улиците во битолската чаршија, велат дуќанџиите, жалејќи се дека низ сокаците има десетици планини од снег, дел високи и над два метри. На шега велат дека им недостига само уште жичарница за да можат да се движат низ улиците. Коментираат дека мораат сами да го ринат снегот од пред дуќаните и да го збираат во купчиња, зашто надлежните служби не исчистиле чаршиските улици месец и половина, откако паднал првиот снег. Сето ова се одразува и на прометот во чаршијата.
Снегови, не е исчистено ништо. Не се чисти како на времето, тогаш со арабаџиски коли го носевме снегот во Драгорот. Сега на мостовите стои и пред дуќан, не го чисти никој. Срамота за градот.
Дуќанџија од битолската Чаршија.

„Тешко е, нема пат да помине човек. Чаршијата воопшто не е исчистена, се гледа на мегдан, нема лага. Се лизга, се е како лавиринти.“

„Снегови, не е исчистено ништо. Не се чисти како на времето, тогаш со арабаџиски коли го носевме снегот во Драгорот. Сега на мостовите стои и пред дуќан, не го чисти никој. Срамота за градот.“

„Овде кај нас никако ни дошол, ни поминал некој.“

Се жалат и минувачите:

„Многу тешко се движиме, мраз многу.“

„Ова е малтретирање и мислам дека градоначалникот треба да преземе одговорност да се исчистат секаде улиците подобро.“

„Одиме и внимаваме да не паднеме. Не се оди од нерасчистени улици. Ако од „Комуналец“ велат дека патот е исчистен, не е така.“

„Вчера падна мој братучед тука, ја скрши ногата. Ова е страшно, ова нешто не е видено. Велат чистат, а никаде ги нема.“

Наспроти ваквите обвинувања, од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека нивните служби работат на терен дење- ноќе, но паѓа нов снег, па не возможно навремено да се исчистат сите улици, а и ниските температури и мразот им создаваат потешотии во расчистувањето.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG