Достапни линкови

Цигарите за Кина го кренаа Тутунски на нозе


Тутунски комбинат Прилеп.
Тутунски комбинат Прилеп.

Менаџерскиот тим на Комбинатот работи на откривање на нови пазари и зголемување извозот за да стане атрактивен пред инвеститорите.

Прилепскиот Тутунски комбинат, еден од поголемите загубари, со околу 1.200 вработени вложува максимални напори да ја зголеми својата финансиска кондиција со цел да стане доволно атрактивен пред потенцијалните стратегиски инвестироти.
Бидејќи главен проблем ни беше да обезбедиме пласман и некој стратегиски партнер, мислам дека сме на добар пат, тоа да го обезбедиме и веќе за наредната сезона да размислуваме за доопремување.
Александар Дерменџиев, директор на Тутунски комбинат.

Како што истакнува генералниот директор Александар Дерменџиев, деловната стратегија на компанијата е сите вработени и натаму да бидат ангажирани во деловниот потфат, без непопуларни отпуштања од работа и прогласување технолошки вишок.

„Бидејќи главен проблем ни беше да обезбедиме пласман и некој стратегиски партнер, мислам дека сме на добар пат, тоа да го обезбедиме и веќе за наредната сезона да размислуваме за доопремување“, вели директорот Дерменџиев.

Александар Дерменџиев генерален директор на Тутунски Комбинат-Прилеп
Александар Дерменџиев генерален директор на Тутунски Комбинат-Прилеп
Тој потенцира дека Комбинатот веќе договорил прва испорака на 200 тони цигари од два мошне барани кинески бренда за реномираната групација Хонге-Хонге. А, според очекувањата, ова лиценцно производство ќе го триплира моменталниот мал обем на искористеност на капацитетот.
Очекувањата од овој договор се за многу многу кратко време да го триплираме производството.
Александар Дерменџиев, директор на Тутунски комбинат.

„Очекувањата од овој договор се за многу многу кратко време да го триплираме производството. Првичните количества, веќе имаме добиено нарачка од 20.000 мастер кеси, односно 200 тони. Се работи за лиценцно производство, каде ние само произведуваме, а пласманот не е наша работа.“

Дерменџиев најавува дека прилепскиот Тутунски Комбинат ќе започне и со пробно производство на цигари кои сами се гаснат.

„Нема никаков проблем, ние сме спремни, ќе ни стигнат примероци на таа хартија, ќе извршиме тестирања, но не очекуваме никаков технички проблем да има.“

Менаџерскиот тим паралелно работи на откривање на нови пазари и зголемување извозот. Интензивно се настојува да се изврши продор на африканскиот пазар. Воспоставени се контакти во Либија и Обединетите Арапски Емирати.

„Да работиме и на тоа. Веќе еден контингент е отиден на тие простори и чекаме фитбек од страна на партнер со кого што работиме, од Обединетите Арапски Емирати.“

А, во моментов искористеноста на капацитетот е премногу мала, 20 отсто или 60 тони месечно, од нив 90 отсто се наменети за домашниот пазар. Но, сите очекувања на директорот Дерменџиев се дека производството на кинеските брендови ќе ја подобри финансиската состојба на Комбинатот, кој што по завршна сметка само за минатата година евидентирал загуби од околу 350 милиони денари.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG