Достапни линкови

Печат - Политички затвореници само во Белорусија и во Македонија


Преглед на неделниот печат - Фокус пишува за евроинтеграциите и за судењето на Љубе Бошкоски, а Глобус за состојбата со медиумите.

Фокус - Ќе го платиме цехот за глумење реформи
Љубе Бошкоски доби 7 години затвор.
Љубе Бошкоски доби 7 години затвор.

„Пукна кесето на преродбата“, е насловен едиторијалот во најновото издание на неделникот Фокус. Се осврнува на громогласно најавеното лобирање за датум за преговори со ЕУ, кое, како што пишува авторот, заврши уште пред да почне. Наместо средби со моќните европски фраери, Груевски ја дувна кон Австрија, Германија, а потоа и уште подалеку, до Сингапур и Јапонија. Тргна во потрага на странски инвеститори кои никако да дојдат во земјава. Очигледно никој важен не сака да разговара со него на темата што ги кочи нашите евроинтеграции. А и светски битните фаци одамна не доаѓаат во Македонија, забележува понатаму неделникот. Во широк лак, за втор пат по две години, не заобиколува и Џо Бајден, кој повторно стигна во соседството. Наместо политичките, со нас почнуваат да се занимаваат факторите кои треба економски да не подосвестат. Доаѓаат од ММФ и ЕУ со време да ни кажат дека набрзо ќе го платиме цехот за глумење реформи и домаќинлак. Колку да се знае дека политичкото перчење останува без економска основа, заклучува Фокус.
Последниот европски диктатор Лукашенко добива сериозна конкуренција во преродбеникот од „Гоцевата раса“ - и оваа година , како и лани, Македонија и Белорусија ќе бидат единствените две европски држави кои имаат политички затвореници!
Фокус.

По финалето на судскиот процес против Бошкоски, Фокус констатира дека и последниот европски диктатор Лукашенко добива сериозна конкуренција во преродбеникот од „Гоцевата раса“ - и оваа година , како и лани, Македонија и Белорусија ќе бидат единствените две европски држави кои имаат политички затвореници!

Глобус - Во Македонија нема медиумски плурализам

Неделникот Глобус ги пренесува заклучоците на Фридом хаус, по престојот на нејзина делегација во земјава, дека слободата на медиумите во Македонија е алармантно влошена во оваа година и дека се потребни итни реформи на законските рамки за медиумите и подобро спроведување на сегашните закони. Во заклучоците уште се вели дека во земјата отсуствува медиумски плурализам и различност, дека Владата би требало да ја декриминализира клеветата, дека законот се применува селективно, односно дека имало случаи на затворање на менаџери на медиумски компании што е во директна спротивност со меѓународните и европските стандарди за човекови права. Фридом хаус заклучува и дека Владата треба да развие искрен јавен медиумски сервис кој нема да биде политизиран и дека таа, како најголем извор на приходи на медиумите од реклами, неправедно го нарушува медимскиот простор во земјата.

На крај, за лустрацијата, Фридом хаус смета дека нејзиното селективно применување е поткопување на тековниот демократски развој на Македонија и дека политичарите не треба да го користат авторитетот за жртвување новинари.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG