Достапни линкови

Промоција на книгата „Музички екран“


„Музички екран“ е насловена книгата на м-р Весна Малјановска. Се работи за истражување во рамките на комплексниот проект за дигитализација и каталогизација на македонската музичка култура.

Весна Малјановска е музички теоретичар и педагог, новинар во културно документарната програма на МТВ. Автор е на 475 емисии од областа на класичната музика, учесник е на повеќе домашни и меѓународни конференции со трудови од областа на македонската музика и нејзината визуелизација и член во тимот за изработка на еден од учебниците по музичко образование во основните училишта. Нејзината книга Музички екран – развитокот на музичката програма на Македонската телевизија низ творештвото на режисерот Коле Малинов е резултат на истражувањето што таа го спроведе во рамките на своите магистерски студии на одделот по сонологија со мултимедија при Факултетот за музичка уметност во Скопје и дел од комплексниот проект за дигитализација и каталогизација на македонската музичка култура. Овој проект цела една декада се спроведува на Институтот за истражување и архивирање музика.

„До крајот на 2006 година се направени 8.419 емисии кои се разбира дека не можевме детално да ги прегледаме, па моравме да се насочиме во една личност која во себе содржи креативност и висок естетски квалитет.“

Според Малјановска создавањето на музичка програма не е само желба за да се реализира некаква музичка нумера туку дека таа влегувајќи во еден визуелен процес станува нова форма. За тоа, како што наведува, модел не постои но дека треба да се следат современите трендови за тоа што е вредно а потекнува од македонските автори и дека музичките уредници треба да прават строга селекција на она што се емитува на домашните телевизиски канали.

„Во моментов националните канали на МТВ освен спотови коишто се изработуваат во приватните продукции, неможе да се види музичка програма со одредена порака до гледачите.“

М-р Малјановска заклучува дека со оглед на тоа што поголемиот дел од програмата на телевизиите воопшто се базира на музичката понуда за да умешно се бие битката против кичот и шундот потребно е секоја од нив да има стручни и компетентни лица кои ќе се грижат за тој сегмент од медиумот.

„За тоа треба да постојат редакции и преку музичкото уредништво да се дојде до целосен концепт.“

Инаку, промотори на Музички екран ќе бидат Д-р Димитрије Бужаровски и м-р Соња Јаќовска – Самарџиева, а во рамките на промоцијата ќе биде прикажана и телевизиската емисија Дилижанса за Сан Франциско на режисерот и сценарист Малинов снимена 1971 година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG