Достапни линкови

Интервју - Радмила Шеќеринска


Радмила Шекеринска - интервју
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Радмила Шеќеринска, СДСМ

Политиката на антиквизација на Груевски, политиката на статуи кои станаа поважни од живите луѓе, е политика која на Грците им одговара, вели Шеќеринска.

Г-ѓо Шеќеринска, велите дека Македонија никогаш не била подалеку од ЕУ како што е денеска. На што ги темелите ваквите тврдења?

Кога зборуваме за Македонија и ЕУ мора да водиме сметка и што се случува околку нас. Во 2005 година Македонија беше единствената држава со Хрватска која што имаше кандидатски статус. Хрватска токму што почна да преговара и планот беше и Македонија во 2006 да го стори истото, Црна Гора се уште не беше ниту независна држава, ниту БиХ, ниту Србија, не можеа да се надеваат на брз кандидатски статус. Некои од нив немаа потпишано ниту Спогодба за стабилизација и асоцијација. Во меѓувреме поминаа шест години, Македонија не направи ниту еден чекор напред во однос на кандидатскиот статус, во истово ова време Хрватска ги заврши преговорите и таа веќе го потпишува договорот за членство во ЕУ, Црна Гора стана кандидат и доби препорака за почеток на преговори, а Србија се очекува до крајот на годината да стане земја кандидат. Во меѓувреме Албанија стана членка на НАТО и Македонија од неспорен лидер заедно со Хрватска во регионот, сега веќе преминува во опашката на регионот заедно со БиХ и Косово коишто имаат и нерешени статусни прашања. На Балканот, па и во светот и во животот, кога не одиш напред, стагнираш, а ако е случајот како Македонија која шест години не оди напред, тогаш заостанувањето навистина сите не загрижува.

Што вие како СДСМ ќе направите за да го решите спорот со името и како ќе ги забрзате реформите кон ЕУ?

Ние како опозиција ниту можеме да го решиме името, ниту можеме да ги забрзаме преговорите со ЕУ. И на едната и на другата маса Македонија ја претставуваат владините претставници и тука не може опозицијата да дојде од страна и да им шепка на владините претставници, точно се знае кој за што има мандат. Она што ние можеме да го направиме и мора да го направиме е да се трудиме овие теми да ги влечеме на површина и да ги ставаме на политичката маса затоа што мислам дека во моментов на Македонија и се случува едно лошо сценарио во кое многу се говори за името, ама ништо не се кажува околу преговорите за името. Многу се говори за ЕУ во негативна конотација, меѓутоа ништо не се кажува за нашите подготовки за почеток на преговори со ЕУ. Нашата задача како опозиција е да не дозволуваме Груевски да ги заборави овие прашања, меѓутоа ние не можеме да ги издиктираме одговорите се додека сме во опозиција, но целта ќе ни биде да бараме од граѓаните мандат за овие работи да се променат, бидејќи очигледно е дека седма година по ред Макеоднија не мрднува од истата точка.

Дали е можна формула, почеток на преговори за членство во ЕУ и решавање на името како два паралелни процеси?

Да, возможно е и таа за Македонија би била подобра опција. Меѓутоа јасно стана и во 2008 и во 2009 година дека Грција ја одбива таквата можност, а и во НАТО и во ЕУ за жал таа е во позиција да има право на вето, а ние да го немаме тоа право. Политиката на антиквизација, политиката да зборуваме за историја наместо да зборуваме за иднината, политиката на статуи кои станаа поважни од живите луѓе, е политика за која цена плаќа Македонија, на Грците не им е гајле, на Грците ваквата политика на Груевски им одговара. Тие чекаа да дојде ваков премиер во Македонија за да се оправдаат за ставањето вето.

За какви демократски средства зборува опозицијата кога кажува дека ќе води битка против штетните политики на оваа власт и ќе води борба за иднината на народот?

Мислам дека никој не треба да се труди да открива „топла вода“. Тие демократски средства се измислени и тие се реалност и во Македонија и во многу други држави. Опозицијата ја има можноста да го користи својот настап во Парламентот, тоа го правиме и ќе го правиме, за жал Собранието е маргинализирано и тоа е политика која што дефинитивно ја води ВМРО-ДПМНЕ за да го тргне на страна Собранието и да го претстави како некое неефикасно и безначајно тело, но ние од таа битка во Собранието нема да се откажеме. Се разбира дека како опозиција имаме на располагање и многу други различни инструменти. Протестирање, изразување различно мислење, организирање на демонстрации, давање шанса на граѓаните да го кажат своето мислење.

Дали враќањето на старите кадри во СДСМ е најдобриот рецепт за окрупнување на партијата?

Со ова прашање покажувате колку е битна во политиката перцепцијата, а не реалноста. Значи ЦО на СДСМ разговараше на многу теми и донесе четири одлуки коишто се поврзани со име и преземе, четири Совети во СДСМ добија свои први луѓе, од тие четворица двајца имале и претходно некакви функции во СДСМ, а двајца се сосема нови лица. Впечатокот кој во јавноста се создаде, нормално стимулирано од власта е дека еве во СДСМ се враќаат само старите кадри. Во СДСМ одлуките коишто беа донесени покажаа дека партијата не се откажува од никого, меѓутоа и не затвара врата пред никој и дека шанса за да во СДСМ покажат што знаат, што умеат, шанса за да и помогнат и на оваа држава, ќе добијат и луѓе коишто до сега сметале дека не треба партиски да се ангажираат и луѓе кои досега биле многу активни во СДСМ и дека тука дискриминација нема да постои. Мислам дека тоа е политика која дава резултати.

Дали реформиран СДСМ без Бранко Црвенковски на лидерското место има посериозни шанси за успех на некои следни избори?

Сега би влегле во зоната на што би било, кога би било. Ова е одговор кој мислам дека дури и ако имате анкета на јавното мислење, тешко ќе можете да го одговорите.

Зборувам од аспект на тоа што мислам дека Бранко Црвенковски има помал рејтинг од СДСМ во целина?

Зависи на кои истражувања мислите, меѓутоа тоа секогаш било карактеристика не само на СДСМ, туку на секоја демократска партија. Во овие 20 години ако ги анализирате рејтинзите на СДСМ и на нејзините претседатели, а најчесто Бранко Црвенковски бил претседател, ќе видите дека секогаш важи истото правило, затоа што во СДСМ секогаш имало и други луѓе кои имале, уживале одреден рејтинг во јавноста и еден дел од нашите поддржувачи сметаат дека тие луѓе се нивен најдобар репрезент. Тоа беше и е силата на СДСМ, не е силата само да ги победите своите противници на избори туку на граѓаните да им понудите и нешто подобро и нешто поразлично од она што сметаме дека противникот лошо го прави. Значи од една страна да не бараме партиите да бидат демократски, а од друга страна да бараме шефовите да бидат неприкосновени. Тоа е лош знак, тоа е лош знак и за ВМРО-ДПМНЕ, но и за Македонија.

Но, кој треба да ја понесе одговорноста за тоа што веќе шест години сте во опозиција?

Па има неколкумина коишто ја понесоа одговорноста. Јас бев претседател, дадов оставка, потоа имавме уште еден претседател, и тој се повлече од функцијата, така што ајде да не ги собираме сите еве како велите вие, шест порази и да ги ставаме во скутот на еден. Она што е важно, е првото прашање што ми го поставивте, а тоа е дали таа партија на граѓаните ќе им понуди нешто што е подобро, а во што ќе веруваат. Тоа е задачата на претседателот, и тоа е задачата и на СДСМ во целина. Битката за мандати, битката за градоначалници е важна, ама се надевам дека не се бориме за власт само за да ја освоиме.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG