Достапни линкови

Немоќна или пасивна опозиција?


Опозицијата се жали дека нема простор за поактивно дејствувањe. Експертите, пак, велат дека проблемот е и во опозициската стратегија и потребата од реорганизација.

Колкава е реалната моќ на опозицијата во земјава? Најголемата опозициска партија СДСМ се жали дека во услови кога како што вели, власта е главен уредник на вестите и кога средствата за комуникација со јавноста им се затворени, партијата нема сила да ја промени актуелната политичка ситуација.
СДСМ не може во моментов да има и посилно дејство врз јавноста затоа што каналите за комуникација со јавноста се затворени.
Радмила Шеќеринска, СДСМ.

„СДСМ не може во моментов да има и посилно дејство врз јавноста затоа што каналите за комуникација со јавноста се затворени, дишеме на шкрги и практично излегувањето на улица, протестирање, демонстрирање е можеби израз на тоа дека нема други начин да се комуницира со јавноста“, вели во неделното интервју на Радио слободна Европа, Радмила Шеќеринска од СДСМ.

Иако е тешко да помине каков било предлог на опозицијата низ собранискиот филтер, Шеќеринска вели дека СДСМ нема да се откаже од борбата во парламентот чија улога, како што тврди, власта ја маргинализира, но и дека ќе ги користи и сите други начини да допре до своите симпатизери.
Тоа што опозицијата ќе биде приморана, сега многу повеќе можам да зборувам за ЛДП, да го прави како една редовна активност, а тоа е да биде многу поприсутна на терен и многу повеќе да комуницира со граѓаните.
Андреј Жерновски, ЛДП.

„Она што СДСМ го прави и што мислам дека треба да го прави и повеќе е наместо толкаво инсистирање на медиумски експонирани настани да бидеме многу поприсутни на терен и меѓу луѓето.“

Медиумскиот простор на опозицијата е многу мал, а присутен е и притисокот на оние кои сакаат на кој било начин финансиски да ги поддржат активностите на опозицијата, вели Андреј Жерновски, претседател на Либерално демократската партија која по изборите во јуни, остана надвор од парламентот.

„Тоа што опозицијата ќе биде приморана, сега многу повеќе можам да зборувам за ЛДП, да го прави како една редовна активност, а тоа е да
биде многу поприсутна на терен и многу повеќе да комуницира со гласачите, со граѓаните.“

Експертите признаваат дека реалната сила на опозицијата во земјава е слаба. Но, не е доволно само работа на терен и непосредни средби со граѓаните, ако немате конкретни решенија за проблемите на луѓето, потенцира политикологот Соња Стојадиновиќ.
Треба да се смени пристапот и треба да се смени програмата која им се нуди.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

„Треба да се смени пристапот и треба да се смени програмата која им се нуди, затоа што не е поентата да се каже `ние можеме подобро и ние ќе ви го смениме животот`, туку треба да се каже, како.“

Според Стојадиновиќ, покрај промена на лидерот, потребно е да се дозволи фракционерството во партијата. Не се согласува дека нема медиуми во кои опозицијата може да го каже својот став.

„Опозицијата посебно СДСМ има простор за свое влијание и свое покажување на намерите низ разните медиуми, кои не дека се антипозициски настроени, туку дека се умерено опозициски и кои се доста присутни и влијателни во македонскиот етер“,изјави Стојадиновиќ.

Опозициските партии велат дека доколку продолжи како што велат недемократското владеење на актуелната власт, тие ќе бидат принудени поинаку да се однесуваат, односно да најдат други начини со кои би ја наметнале својата позиција во општеството.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG