Каков извештај очекувате за Макеоднија од ЕК со оглед на тоа дека во последно време имаше многу забелешки и за судство и администрација, посебно за состојбите во медиумите?
Забелешките во однос на судството и администрацијата најверојатно ќе останат, ЕУ е прилично прецизна во извештаите, не верувам да има некои нагли пореметувања во однос на генералната оценка дека Македонија не ги исполнува копенхашките критериуми, меѓутоа во однос на медиумите состојбата е најсериозна, тука најблиску би можеле да се доближиме до тоа неисполнување на основните критериуми за членство.
Кога си заминавте од Секретаријатот рековте дека ни е потребен премиер за евроинтеграции, што ќе ни биде потребно сега за да влеземе во ЕУ?
Таа изјава беше дадена во дадено време, во даден контекст. Знаете тогаш се боревме да ја добиеме препораката и мое чувство беше дека можеме многу повеќе да направиме од тоа што се правеше тоа време. Оценката е повторно дека целокупната администрација и премиерот мислам дека треба да се занимаваат 80% од времето со приклучувањето на Македонија кон ЕУ.
Во јавноста се добива впечаток дека Македонија ги исполнува тие критериуми, но дека проблемот со името е тој што не кочи. Како ги оценувате таквите тврдења?
Па јасно е дека да не беше проблемот со името ние сега ќе бевме во фаза на преговори со ЕУ, меѓутоа јас сметам дека немаше така лесно Грција да може со тоа прашање да го закочи нашиот напредок доколу ние бевме многу поактивни и дипломатски и внатрешно со една поголема агресивност кон истапувањето кон ЕУ и се што можеме и треба да направиме за да ги започнеме преговорите. Значи не е тоа така „црно-бело“ прашање, дека името не кочи, јас не верувам, тоа е голем проблем нормално, но тоа е спор, а тој спор трае 20 години.
Што ќе се случи ако го решиме тој спор? Дали Унијата ќе „замижи“ пред сите пропусти што ги прави Македонија на патот кон ЕУ?
Нема да „замижи“ туку уште повеќе ќе ги изостри критериумите. Јас мислам дека прогледуваат низ прсти заради тој спор, јас инаку сметам дека Македонија можеше да ги почне преговорите и се уште може, Унијата нема некои цврсти основи да се солидаризира со Грција по однос на тоа прашање, тоа прашање не е од такво значење, толку големо ниту за Грција, ниту за Македонија, ниту за регионот, за ние да не ги започнеме преговорите. Значи јас сметам дека доколку Македонија ги започне преговорите и е во фаза на преговори со ЕУ, во меѓувреме да се даде простор да се реши тоа прашање, нема ништо да се случи ниту во Грција, ниту пак во ЕУ, ниту во Македонија, туку напротив сметам дека целокупната состојба ќе се подобри.