Достапни линкови

Интервју - Кристофер Ивон


Кристофер Ивон
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:12 0:00

Кристофер Ивон, Амбасадор на Велика Британија во Македонија

Би сакале наскоро да се постигне решение околу спорот со името. Ќе бидат потребни лидерство, храброст и флексибилност за такво нешто, вели британскиот амбасадор Кристофер Ивон.

Амбасадоре, од власта на неколку наврати посочија дека блиску сме до решение во спорот со соседна Грција. Од друга страна, се издигнуваат нови споменици, посебно во центарот на Скопје, кои се интерпретираат како провокација. Дали е можно да се најде компромисно решение во ваква ситуација?

Позицијата на владата на Обединетото Кралство за прашањето за името е мошне постојана. Би сакале што поскоро да се изнајде решение. Сметам дека тоа решение треба да биде со заемна согласност, во рамките на Обединетите нации. Секако ќе биде тешко. Ќе бидат потребни лидерство, храброст и флексибилност за да се постигне такво нешто. Би сакале наскоро да се постигне решение. Во врска со тоа дали спомениците се наменети како провокација или се перцепираат како провокација, пресудата треба да ја направат двете страни, а не јас.

Меѓународните организации изразија загриженост за слободата на медиумите во Македонија. Како гледате на целава ситуација? Дали слободата на медиуми се влошува поради притисок од власта?

Слободата на медиумите е важен дел од демократско општество. Оваа година на светскиот ден на слободата на медиумите јас објавив видео блог, кој можете да го најдете на интернет, каде зборував за важноста на слободата на медиумите. Тоа беше периодот пред изборите и навистина е важно луѓето да бидат информирани за своите гледишта. Луѓето ќе се информираат за одредени гледишта од медиумите доколку имаат доверба, доколку веруваат во медиумската слобода. Свесен сум дека во последниве неколку месеци се развива голема дебата околу тоа дали се почитува слободата и исто така околу одговорностите и правата на претставниците на медиумите. Не гледам таква дебата да се развива во Обединетото Кралство. Затоа се прашувам дали луѓето имаат доволно сигурност и доверба околу слободата на медиумите. Сметам дека тоа секако е нешто кое треба да се разгледува и сметам дека не треба фокусот да биде на владата туку и на политичките партии, граѓанското општество и најважно, самите претставници на медиумите, кои треба да одлучат како да се изгради поголема доверба. Сметам дека тоа е важно за било кој што ќе земе весник или ги следи вестите на телевизија.

Забележувате дека нема дебата?

Мислам дека има многу дебата за прашањето и мислам дека таквата дебата е многу здрава. Тоа што го немам видено е луѓе да дојдат кај мене и да речат дека тие имаат доверба во слободата на медиумите. Самата дебата стана затворена. Додека продолжува, потребно е да има некој начин на обележување на патеката по која ќе се одвива дискусијата.

Дали сето ова претставува закана за демократијата како таква?

Слободата на медиумите е важен дел од демократијата, тие две работи одат рака под рака. Тоа е често начин на кој гласачите донесуваат одлуки, од нивните извори на информации. Значи, силните медиуми се во интерес на Владата за да може да го презентира својот случај и да дава аргументи и секако во интерес е и на опозицијата да ги поддржи силните медиуми. Најважно од се, ова е круцијален дел од демократијата, силните медиуми се од интерес за гласачите.

Во изјава за медиумите минатиот месец најавивте подршка за реформите во јавната администрација. Европската унија бара мала и ефикасна администрација, додека македонските власти вработуваат повеќе државни службеници. Дали европските реформи на ова тело може да предизвикаат кратење на работни места?

Сметам дека во јавната администрација има голем фокус на квантитетот. Проектот кој го споменавте, и мило ми е што го споменавте, всушност се фокусира на квалитетот. Станува збор за обид за преоѓање кон регрутирање на вработени врз основа на вредности, со што би се поддржал развојот во согласност со заедничките стандарди и критериуми. Значи, нашиот проект навистина не гледа на квантитетот туку на квалитетот на вработените во јавната администрација.

Дали таквиот квалитет е остварен?

На средбата со министерот посочив дека намерата е да се подобри тоа. Сметам дека важна работа е континуитетот на реформите. Не можете да стигнете до момент кога ќе се каже дека реформата завршила. Мојата јавна администрација во Обединетото Кралство постојано се реформира и постојано еволуира. Минатата недела слушнав дека „реформа“ е збор кој често се користи во однос на Македонија и тоа конзистентно во текот на 20 години, и дека можеби тоа станало малку бајато. Јас сметам дека промената е континуирана. Изреката „промени се или умри“ често се употребува. Мислам дека треба да има постојана реформа и константно барање на начини за унапредување. Од министерот ја слушнав намерата тоа да се оствари. Затоа ни е мило што бевме избрани за партнери за тој проект.

Кога сме веќе на темата, дали според вас имаше продолжување на реформите во судството, следствено на забелешките во последниот извештај на Европската комисија?

Мислам дека има одредени области во кои напредокот е постигнат. Ако треба да изберам пример, тоа би било во врска со Судскиот совет и гласачкиот процес, имено измените во односот меѓу министерот и судскиот совет. Сметам дека има области кои може да се идентификуваат дека има постигнато напредок. Сметам дека се уште има области каде што се порачува напредок во извештајот на Европската комисија, како на пример справување со натрупаните случаи со кои се соочува судската администрација, како и подобрување на квалитетот на судиите и обвинителите.

Секако би било неблагодарно да се коментира содржината на следниот извештај на Европската комисија. Сепак, како дипломат, дали сте забележале некои трендови кои би предзвикале загриженост за напредокот на Македонија кон Европската унија?

Сметам дека има теми кои се појавиле во извештаите, како на пример судството, јавната администрација, потребата за зајакнување на институции како на пример парламентот, и продлабочување на политичкиот дијалог. Гледам неколку работи кои се појавуваат. Бев во Собранието кога премиерот ја дефинираше владината агенда и во неговата агенда се вклучени многу од овие работи. Сметам дека постои волја за справување со реформските области. Ако се опишат како трендови, тоа се областите кои јас би ги посочил.

Како го оценувате интересот на британските инвеститори за Македонија? Дали тој се има зголемено во последно време?

Сметам дека има постепен раст на интересот и тоа е нешто кое ние самите се обидуваме да го изградиме. Годинава во стопанската комора одржавме настан за поврзување. Поканивме деветмина претставници на стопанските комори од Обединетото кралство да се сретнат со нивните македонски колеги и да дискутираат за испраќање на појасни пораки до бизнисите со кои може да постои соработка во Обединетото кралство, користејќи ги овдешните можности. Исто така почнавме форум за британски политики кој би ги водел британските бизниси и инвеститори со нов прирачник во кој се разгледуваат сектори кои би биле интересни за британските бизниси за инвестирање. Правиме се што можеме за да обезбедиме максимална поддршка. Мислам дека подоцна годинава ќе има и форум за инвестиции во Обединетото кралство каде ќе се промовира потребата за поголеми инвестиции во Македонија. Има многу активности. Јас се надевам дека тоа ќе резултира во зголемена и подобрена трговија, бидејќи Британија е отворена за бизнис.

Амбасадоре, дали би можеле да ни дадете краток преглед на активностите на Британската амбасада во периодов?

Би било добро да изберам неколку примери. Најпрвин би кажал дека се што правиме, сите наши активности се сведуваат на три клучни приоритети. Првиот е прекуокеанска поддршка на британски државјани. Вториот е агенда за безбедност, а третиот е просперитет, и разговаравме малку за поддршката за инвестиции. Имајќи предвид дека Британија е голем и долготраен поддржувач на македонските аспирации за Европската унија и НАТО, мило ми е да кажам дека агендата за просперитет и безбедност многу уредно се спојува во европскиот реформски процес. Сите наши проекти се фокусирани на подобрување на безбедноста и просперитетот, но исто така работиме во партнерство со Владата и граѓанското општество во насока на потенцијалното членство во Европската унија. Проектите кои ги поддржувавме се во таа насока; еден на пример е потпишување меморандум за разбирање во врска со Охридскиот рамковен договор. Ја честитам десетгодишнината која неодамна беше одбележана. Тоа го гледам како паралелен реформски процес на реформите за Европската унија. На некој начин се дополнуваат. Важно е тоа да се поддржува а активностите беа во врска со повеќе обуки за албанските преведувачи во локалната власт, судовите, и во Собранието, што е важно. Друг проект е во врска со алтернативни форми на казнување. Условната казна, на пример или по можност ивршување на општествено корисна работа. Со тоа би се придонесло кон справувањето со претрупаноста на затворите, како и побрза реинтеграција и рехабилитација на затворениците и престапниците. Тоа би било корисно за општеството а би се намалиле и трошоците. Ова се неколку конкретни примери за нашата инволвираност.

Го споменавте Охридскиот рамовен договор. Дали според Вас договорот ги постигна целите по предвидената динамика?

Сметам дека треба да ги прашате луѓето кои го инспирираа создавањето на тој документ. Го слушав комесарот Филе на настанот кој беше наменет за одбележување на Охридскиот рамковен договор. Тој рече дека не им верува на луѓето кои велат дека ништо не се остварило ниту пак на оние кои велат дека се е остварено. Би рекол дека тоа прашање треба да им се постави на луѓето кои ја имаа визијата за Охридскиот рамковен договор. Сметам дека има области во кои има успех кој јасно може да се идентификува. На пример децентрализацијата; приближувањето на процесот на одлучување кон народот. Би рекол дека станува збор за своевидно патување и се надевам дека ќе доживее уште десет години, уште една деценија.
XS
SM
MD
LG