Достапни линкови

Интервју – Сашо Клековски


Сашо Клековски, прв извшрен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка
Сашо Клековски, прв извшрен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка

Ми се чини посебно кај политичарите, дека влошувањето на меѓуетничките односи се употребува како начин на владеење со своите гласачи, вели Сашо Клековски во интервју за РСЕ.

Господине Клековски, според вашето истражување, големо мнозинство од граѓаните се за поголемо меѓуетничко мешање во спортот. После следуваат работа, политика, но не се големи ентузијасти за меѓуетнички бракови. Зошто?

Па добро, ова не отстапува од стандардната теорија односно способноста да се прифатат разликите опаѓа со доближувањето до епицентарот кон личноста и семејството, така што колку е поголема дистанцата можноста да се прифатат разликите е поголема. Меѓутоа за мене ова се добри резултати бидејќи има и едно поместување кај прифаќањето на мешани бракови.

Во однос на минати истражувања?

Во однос на минатите, да.

Големо мнозинство од граѓаните, речиси 80% имаат добро лично искуство со другите етнички заедници, така одговориле во вашето истражување. На што тогаш се должат предрасудите, ако 4 од 5 луѓе имаат добро искуство?



Моменталните текови и историските текови не секогаш се преклопуваат. Предрасудите се генерациски формирани, нешто што сме го наследиле од нашите баби и дедовци и што е веќе пренесено на нашите деца, а личното искуство не мора да е вклопува со тоа. Значи нас ќе ни треба една генерација на добри, лични искуства за да почне да се менуваат предрасудите наследени од претходната генерација. Ако тој период на добри меѓуетнички односи трае, следната генерација ќе живее во едно подрачје со помали предрасуди.

Заклучокот е дека има добра тенденција?

Да.

Граѓаните одговориле дека најмногу се информираат за другите етнички заедници од медиумите, а оценуваат дека најнегативно на меѓуетничките односи влијаат партиите. Што треба да направат овие два клучни сегменти во општеството за да се релаксираат меѓуетничките односи или да напредуваат?

Она што е важно е да и медиумите и политичарите го разберат своето влијание врз јавната свест и не го употребуваат тоа за пазарни цели. Некогаш ми се чини, посебно кај политичарите, дека влошувањето на меѓуетничките односи се употребува како начин на владеење со своите гласачи, значи „раздели па владеј“ со своите гласачи, што сега полека се пренесува на меѓупартиските односи. Мислам дека мора да имаме едно ново лидерство коешто нема да гледа на меѓуетничките односи како алатка за управување во негативна смисла, туку ќе дава едно лидерство за надминување на предрасудите.

Големо мнозинство од Македонците, според истражувањето имаат стравови или предрасуди од другите етнички заедници и тоа најмногу поради „политиката да се смени македонскиот карактер на државата“. На што се должи тоа, имајќи го во предвид фактот дека другите етнички заедници се солидаризираат со Македонците, кога е во прашање уставното име и проблемот со Грција?



Јас мислам дека во Македонија посебно етничките Македонци имаат еден синдром на заложници, дека од сите страни сме опкружени со непријатели кои негираат име, јазик, црква итн, и дека постојаните барања на немнозинските заедници се доживуваат како обид да се смени Македонија како таква, при што повеќе се зборува за историски искуства вклучувајќи ја и 2001 година како историско искуство отколку за сегашната ситуација и ова е еден класичен страв на Македонците. Меѓутоа на двете страни ние имаме стравови, јас го дефинирам мнозинскиот страв дека ќе се смени карактерот, вклучувајќи го и идентитетот на луѓето, а вториот страв е на немнозинските заедници за еднаквоста. Ние мораме да влеземе во еден меѓусебен процес каде што ќе биде јасно дека еднаквоста на граѓаните нема да ја загрози Македонија како држава и дека немнозинските заедници ја прифаќаат унитарноста на Македонија како таква. Тоа е еден процес на комуникација и мислам дека ако продолжи овој тренд на поддршка на немнозинските заедници за прашањето на идентитетот на Македонците, мислам дека тоа ќе влијае кон релаксирање на меѓусебните односи.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG