Достапни линкови

Први партиски реакции - изборите во мирна атмосфера


За ВМРО-ДПМНЕ овие избори поминаа во мирна и демократска атмосфера. Граѓаните покажаа дека нема да дозволат да бидат заложници на политичките партии кои сакаат да наметнат негативна атмосфера и да спроведуваат недемократски сценарија, рече директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Поголемата излезност на овие избори за нас е потврда дека овие избори беа референдум на кој граѓаните цврсто се одлучуваат за реформите наместо за транзицијата, рече Димовски.

Конечниот одзив на денешните предвремени парламентарни избори укажува дека во Македонија преовладува опозициско расположение кое очекуваме да се преслика во изборниот резултат, рече портпаролот на Изборниот штаб на СДСМ Гордан Георгиев, на првата прес-конференција во партиското седиште по завршувањето на гласањето за предвремените парламентарни избори. Освен процентот на излезност во Шестата изборна единица, според Георгиев, во сите други одзивот на гласачите е поголем од изборите во 2002 година. Тој посочи дека граѓаните масовно излегле да гласаат и покрај сите, како што рече, закани и притисоци.

ДУИ ги оценува изборите како мирни и демократски. Особено се задоволни од фактот што поминаа без никакви инциденти за разлика од неколку избирачки циклуси во минатото и што е уште еден доказ дека кога е ДУИ на власт се организираат фер и демократски избори, изјави партискиот портпарол Мухамед Хоџа.

Нова демократија по завршување на гласањето оцени дека изборите поминаа без насилство и без тешки инциденти, на кој граѓаните покажаа висок демократски капацитет.
XS
SM
MD
LG