Достапни линкови

Вжештена политичка атмосфера во Прилеп


Најголемите политички партии секојдневно меѓусебно се обвинуваат. Новата градска куќа во фокусот на опозицијата.

Политичката атмосфера во Прилеп се вжештува. Секојдневни се политичките препукувања на најголемите политички партии на локално ниво. Критики и меѓусебни обвинувања си упатуваат политичките ривали, користејќи ја секоја можност како адут повеќе во политичката битка за претстојните избори.
Со каква цел беше изведена лошо режираната претстава наречена свечено отворање на најголемиот верски празник Велигден. До кога ДПМНЕ ќе парадира пред граѓаните со промоција на незавршени
објекти.

Новата градска куќа повторно е во фокусот на опозицијата, која ги обвинува градоначалникот Марјан Ристески и ВМРО-ДПМНЕ, зашто објектот свечено отворен на верскиот празник Велигден се уште не е во функција.

„Со каква цел беше изведена лошо режираната претстава наречена свечено отворање на најголемиот верски празник Велигден. До кога ДПМНЕ ќе парадира пред граѓаните со промоција на незавршени објекти и проекти или можеби планираат уште едно репризно отворање пред изборите“, реагираше Сашо Велески, координаторот на советничката група на СДСМ, затоа што вратите на градската куќа беа затворени, па закажаната 32 седница на Советот повторно се одржа во старата општинска зграда, каде граѓаните и натаму ги доставуваат барањата за да добијат потребна документација или воопшто реакција за одредени локални проблеми.


На овие обвинувања, градоначалникот Ристески, упати критики до советниците од СДСМ, затоа што не присуствувале на свечениот чин кога тој и премиерот Никола Груевски ја сечеа црвената лента, симболично ставајќи го во функција објектот.

„Бидејќи еднаш на 100 години се отвора нова општинска зграда го искористивме големиот христијански празник да ја осветиме, и двајца владици имавме, и премиерот Никола Груевски.“

Но, реакциите на социјалдемократите не стивнуваат.
Бидејќи еднаш на 100 години се отвора нова општинска зграда го искористивме големиот христијански празник да ја осветиме, и двајца владици имавме, и премиерот Никола Груевски.

„Притисокот кој што го прават врз администрацијата со тоа што ги принудуваат луѓето за да добијат работни места или да го задржат работното место, дури и да добијат принова во своето семејство по пат на ин витро, да мора да прават списоци со наводно нивни сигурни гласачи. Луѓето треба да знаат дека тоа е најбрутално кршење на Уставот на оваа држава“, изјави Дане Талески, од СДСМ.

На сите овие обвинувања, од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се со оценка дека нивните политички ривали се целосно безидејни, па велат разбирлив е начинот на кој што тие ја водат политичката борба.

„Во нивната безидејност и нивната бесцелност во нивното претставување, затоа што гледаме дека воопшто еве поминаа 4,5 години во нивно опозиционерство, тие воопшто не излегле со ниедна добронамерна критика во работата на Владата, нити пак со некаков проект или идеја за подобрување на моменталната состојба во Македонија“, вели Гоце Ингилизов, координатор на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

На сите овие политички препукувања, со цел секоја партија да оствари поен повеќе, глас повеќе на претстојните избори од гласачите, граѓаните имаат свои очекувања од новата Влада.

„Вработувања за помладите, ај ние постарите беше што беше, почнаа да се прават некои споменици во Скопје, а народот страда за леб дома.“
Вработувања за помладите, ај ние постарите беше што беше, почнаа да се прават некои споменици во Скопје, а народот страда за леб дома.

„На луѓето да му даде услови за живот, тогаш оди напред државата.“

„Очекуваме од новава Влада барем народот да има пари, барем народот да живее, едноставно речено земјоделството да биде платено, тутуни, бидејќи има заостанати долгови, луѓето имаат тутуни уште за давање, не му се уште исплатени.“

„Сето оди на пропаст, на сиромаштија, нема пари.“

„Да се повишат плати, пензии, а вака е катастрофа, голема скапотија“, велат анкетираните прилепчани.

Дел од нив тврдат дека едвај го чекаат денот на изборите за да го дадат својот глас за опцијата во која имаат доверба, но има дел граѓани, кои, како што велат, целосно ја изгубиле вербата во партиите и во секој збор и ветување на политичарите, па се цврсти во ставот дека нема да гласаат.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG